Моќта на спомениците | Македонија | DW | 10.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Моќта на спомениците

Дали одлуката на владата за враќање на името е почетокот на иконокластиката во Македонија? Кога спомениците во Скопје не го рефлектираат нашето време, тогаш е дојден мигот тие да се отстранат.

Минатиот петок, под студеното зимско сонце, властите во канадскиот град Халифакс во Нова Шкотска со кран и јажиња ја тргнаа бронзената фигура на британскиот воен офицер Едвард Корнвалис од пракот што го носи неговото име. Тоа беше средба на денешницата со историјата. Корнвалис е основач на овој познат канадски град во 1749. Неговата статуа стоеше на истото место 85 години. Но кога историчарите открија дека во истата таа 1749 година Корнвалис поттикнал етничко чистење – давал награда за секој скалп на припадниците на домородниот народ Микпак – офицерот кого го славеа генерации на доселениците замина во некое од депоата на историјата. По повеќемесечна дебата градскиот совет во средата донесе одлука со 12 наспроти четири гласа споменикот на Корнвалис (еден од многуте почести за него во Нова Шкотска) да биде тргнат, а потоа да се размисли што ќе се прави со него. Кранот со јажињата пристигна два дена подоцна.

Историјата би требало да биде една, но нејзиното читање се менува со годините и вековите. Во дебатата некои го славеа офицерот кој го основа Халифакс и беше гувернер на Нова Шкотска како храбар лидер, други како поттикнувач на уништувањето на домородното население. Градскиот совет на Халифакс одлучи да не биде заробеник на историјата и веќе да не ја крие вистината.

Претходни колумни на авторот: 

-Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

-Ги сака ли ЕУ подеднакво сите на Балканот?

-Заев на крштевање во Давос

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

Ова е последниот пример на иконокластиката на северноамериканскиот континент. Борбата против догмите и нивната моќ преку спомениците има своја магија. Потомците на Микпак народот изјавуваа дека со уривањето на еден од симболите на белиот супремацизам разбирањето меѓу жителите на Нова Шкотска ќе биде поставено врз нови основи. Но дали отстранувањето на еден споменик на моќта може да ги реши проблемите што се поврзани со него.

Историска стрела

Македонската влада пред некој ден реши на скопскиот аеродром да му го врати старото име „Скопје“ по точно 11 години откако тој беше прекрстен во „Александар Велики“ за да го велича претходниот режим. (Голем дел од новинарските текстови се занимаваат со колоквијалноста наместо со фактите, па поранешното име погрешно е наведувано како „Петровец“.) Аеродромот во Скопје не е во буквална смисла споменик. Но неговото прекрстување во 2007 година ја имаше моќта на спомениците. Тоа означуваше не само одредена верзија на историјата, туку ја презентираше моќта на замислената историја која сакаше да ја искористи една власт која се трансформираше во режим. Тоа помалку беше адут на тогашната власт во преговорите со Грција околу името, а многу повеќе беше историска стрела која требаше тогашните моќници да ги поврзе со настаните од пред 2400 години и да ја смести нивната „големина“ под сенката на славниот војсководец.

Дали одлуката на владата е почетокот на иконокластиката во Македонија? Како што набрзина беше создадена нова национална идеологија, која внесе конфузија кај македонските граѓани околу нивниот идентитет, на толку брз начин таа може да исчезне. Колку да има врска со преговорите за името, враќањето на називот на скопскиот аеродром има друга поголема суштинска порака – дека доаѓа крајот на жешкиот национализам и дека е време на му се вратиме на баналниот национализам, оној што е поврзан со секојдневието, пасошите, знамето, јазикот, сите вообичаени знаци на националниот идентитет.

Повеќе на темата:

-Македонија почна да го растовара тешкиот багаж

Кога Грците не беа толку големи вљубеници во Александар Велики

-Спор за името: 25 години лет во место

Реакциите на одлуката за враќањето на старото име на аеродромот, на изненадување на многумина, беа речиси безначајни. Опозицијата со вербална акробатика се обиде да реагира, а тоа да не се нарече реакција; граѓаните се однесуваа амбивалентно – како воопшто да не им е грижа. Всушност, како да бил симнат товар од нивниот грб кој им бил ставен од некого без да ги праша. Промената на имињата на автопатот и аеродромот на свој начин се предигра на она што треба да се случува со спомениците во центарот на Скопје. Нивното поставување беше една голема политичка вежба и испитување на чувствителноста на граѓаните спрема самите себеси. Таква вежба ќе биде и нивното отстранување.

Можат ли историјата и денешницата да ни даде поуки? Кога англискиот крал Хенри Осми и се спротивстави на Католичката црква во 16 век, протестантите со чекани и секири се нафрлија врз камените статуи на светците во црквите и уништија голем дел од највредното уметничко наследство. Во Кина пред 50 години за време на Културната револуција комунистичките преторијанци ги уништуваа храмовите на Буда и ги палеа книгите на Конфучиј. Во Германија по Втората светска војна по наредба на Советот за контрола на сојузниците беа уништени сите нацистички симболи, скулптури и споменици на Хитлер. Подоцна оваа наредба влезе во кривичниот законик на Германија. По 1989 година во постокумистичките земји тргањето на спомениците на Ленин стана дневна рутина. На нив сега и никој не се сеќава.

Пред сто години во Шарлотсвил, Вирџинија, САД, беше изграден паркот на Роберт Ли, генералот кој ја предводеше војската на Конфедерацијата во Граѓанската војна. Во 1924 година таму беше подигнат и негов споменик. Генералот Ли качен на коњ, како и иладниците други споменици во јужните американски држави, требаше да го слават поразот и да го идеализираат времето на ропството и надмоќта на белата раса. Во 2016 година градскиот совет на Шарлотсвил – двајца бели мажи, две бели жени и еден црнец – едногласно донесе одлука паркот да се преименува во „Парк на еманципацијата“ и да се отстрани статуата на Ли. Лани летото дојде времето за отстранување на споменикот – десничарските супремацисти предизвика безредија во градот, имаше повредени, една жена загина. Претседателот Доналд Трамп ги бранеше крајните десничари и не наиде на поддршка кај ниту еден познат републикански политичар. Градоначалникот на Балтимор нареди преку ноќ да се отстранат спомениците во сеќавање на јужњачките херои. Во САД има 1.500 симболи на конфедерациската армија со коишто локалните власти се уште не знаат како да се справат. Многу јужњаци и 150 години по војната не можат да се помират со нивниот пораз, па конфедерациските симболи и спомениците претставуваат дел од нивниот идентитет.

Овие настани беа инспирација во Британија одредени групи да побараат отстранување на статута на адмиралот Нелсон на славниот столб на Трафалгар во Лондон, затоа што британскиот морнарички херој ја поддржувал трговијата со робови. Пред три години студенти на Универзитетот во Оксфорд бараа да се отстрани скулптурата на Сесил Роудс од колеџот Ориел, каде што учел жестокиот империјалист. Неговите ставови дека англо-саксонската раса е „прва раса во светот“ и востанувувањето на големата колонија Родезија во јужна Африка од страна на неговата компанија и именувана според неговото име, денес се контроверзија од прв степен.

Со кого се среќава Ќосето

Во Берлин уште од 1996 година има улица со името на славниот новинар и издавач Аксел Шпрингер. Кога подоцна, берлинскиот весник „Тагесцајтунг“ ја покрена иницијативата и познатиот студентски водач од 1960-тите, Руди Дучке, да добие улица во непосредна близина, тоа се претвори во своевидна политичка драма – како двајцата жестоки опонененти од тие времиња да бидат еден покрај друг со улиците. Политичката моќ и зрелоста на граѓаните денес носат поинаква слика – улиците на Аксел Шпрингер и Руди Дучке мирно се среќаваат една со друга.

Можат ли мирно да се сретнат еден со друг Андон Ќосето со исуканата кама и судиите, адвокатите и странките што на дваесетина метра од него влегуваат во четирите најважни суда во државава. Неколку години по неговото подигнување тој стана дел од секојдневниот свет на скопјани, како дополнителен елемент на улицата. Денес тој е повеќе периферна визија на нашето внимание, детаљ што го пополнува просторот. Пред него не застануваат луѓе за да си спомнуваат на стотините убиства што ги извршил Ќосето, што по нарачка, што од бес, ниту пак него го поврзуваат со националниот идентитет. Само маргинализирани екстремни групи ја поддржуваат неговата „терористичка револуција на ножот“. Ниту кога беше поставен овој споменик ниту сега, тој не ги претставува нашите дневни животи.

Проблемот со него и со сите други настанува кога идологијата што нив ги постави веќе не е прифатлива, иако таа беше инсталирана само пред десетина години. Македонија се промени во последниве две години, но бронзата и мермерните грамади уште стојат. Откако беа поставени во Скопје тие не се оценуваат според крвта на нивните раце, ниту пак според вистинската временска рамка. Тие беа поставени за да ја покажат моќта на идеологијата на еден режим, кој преку историски личности сакаше да се претставува самиот себеси. Дебатата за нив не беше околу уметноста на вајарството што ја носат, туку за нивната грандоманија и моментот кој нема допирни точки со денешнинава. Дали сега кон нив треба да се однесуваме како кон потсетници на минатото, па дури и како на дел од заедничкото „наследство“. Многумина мислат така, но многу поголем број мислат поинаку. Клучното прашање во врска со нивната судбина и моќта што ја еманираат во јавните простори е што тие кажуваат кои сме и кои сакаме да бидеме. Дали оваа бронза треба да не прогонува и тогаш кога не ја забележуваме?

Оној што ги подигна сака да гледаме во нив како на наследство. Спомениците сигурно се важни, некогаш се претвораат повеќе од личностите кои јаваат или стојат на постаментите – стануваат места за собирање на граѓаните, без да се размислува на историската порака на луѓето од бронзата. Владата со враќањето на старото име на аеродромот во Скопје направи важен чекор со кој треба да зачекори во центарот на градот. Таа треба јасно да соопшти дека јавниот простор е барометар на социјалниот и градскиот идентитет. Со еден потег беше променет јавниот простор кој им припаѓа на сите, а не само на една партиска врхушка опседната со митоманија. Кога тие споменици не го рефлектираат нашето време (како што не беше ни кога беа поставувани), тогаш е дојден мигот тие да се отстранат. Сите ние сме производ на историјата, но не треба да бидеме нејзини заробеници. Ниту пак на митовите кои се обиде да ги инсталира еден режим, без да води сметка во кое време живееме, ниту пак да се раководи од историските вистини.

 

DW.COM