1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Мојсовски: Во Гетеборг ќе го оставиме срцето на терен

Ракометната репрезентација на Македонија утре ќе полета за Гетеборг, местото кое е последна станица на патот до олимпискиот Лондон. Македонските ракометари ќе се соочат со селекциите на Шведска, Унгарија и Бразил.

Неколкудневниот подготвителен период во Скопје е заокружен со двата натпревар против селекцијата на Романија. Победа од 30:28 и пораз со 27:28 е резултатскиот епилог. Еден од креаторите на играта на македонската репрезентација, Наумче Мојсовски зборува за овој исклучителен ракометен момент:

„Против Романија сакавме да ја провериме нашата форма. Мораме да ја консолидираме играта во одбрана. Примивме многу голови во овие два тест-меча и мораме да се корегираме. Бидејќи, знаеме дека Унгарија и Шведска се репрезентации, опасни и умеат да ги искористат грешките на противникот. Што се однесува до нападот тој оди добро. Ќе повторам, мораме да се стегнеме во одбраната“.

Освен повредениот Стоилов, тимот кој оди на квалификациите е истиот од Европското првенство во Србија, на кое Македонија го освои 5-то место. Според Мојсовски, формата е добра, но се чувствува мал замор:

„Формата е добра. Има мало заситување кај ракометарите на Металург. Имавме премногу натпревари во оваа година во Лигата на шампионите, во СЕХА лигата и со репрезентацијата на Европското првенство. Истото е присутно и кај некои други играчи, дури и кај Кире со кого разговаравме за ова. Но, се договоривме да смогнеме сили за овие три натпревари, кои можеби се круна во нашите кариери“.

Клучот за Олимпијадата е против Унгарија

Првиот противник во Гетеборг е Унгарија. Репрезентација, против која Македонија нема пријатни резултатски искуства. Вестите од унгарскиот табор зборуваат за повреда на најдобриот, на Иљеш. Мојсовски смета дека овој натпревар е клучен:

„Првиот натпревар против Унгарија за мене е најважен. Ако се добијат Унгарците 90% од работите ќе бидат завршени. Пред два дена им се повреди најдобриот нивни играч Иљеш. Тие Иљеш го подготвуваа да игра одбрана на Лазаров. Во натпреварите од квалификациите за Европското првенство Иљеш ги одигра феноменално и ни даде два пати по десетина голови. Тоа е за нив голем хендикеп“.

Во борбата за едно од првите две места, кои водат на Олимпијадата се и мечевите против Шведска и Бразил.

„Знаеме дека Швеѓаните имаат проблеми со составот. Но, тие ќе бидат фаворизирани како домаќини на турнирот. Ние нема да се осврнуваме на тоа, но Швеѓаните секако се благи фаворити. Следната победа ќе ја бараме, се надевам и дека ќе ја извојуваме, против Бразил“.

Ракометното знаење, подготвеноста, уиграноста, но и сплотеноста и другарството ја краси оваа генерација на македонски ракометни репрезенти. Мојсовски вели дека во нивните кариери ова е единствен момент, кој не сакаат да го пропуштат:

„Како и досега, срцето ќе го оставиме на терен. Ќе играме машки до последниот атом од силите. Оваа шанса ја имаме сега и ќе направиме се’ да не ги разочараме нашите навивачи. Се надевам дека ќе се видиме и во Лондон“, вели Мојсовски.

Утре македонската ракометна експедиција ќе полета за Гетеборг. Ќе ја има поддршката од голем број Македонци кои живеат во Шведска, но и од навивачи од Македонија за кои е организиран чартер лет, како и десетина специјални автобуси. Квалификациите започнуваат в петок со натпреварот меѓу Македонија и Унгарија.