1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: Што е татковина?

Каде е татковината? Десно или лево? Дали татковина е соседството, шуми и ливади, сопствената нација, Европа или целиот свет? Дали е таа спомен на детството или надеж во иднината? Прашања кои ги поставува Крсто Лазаревиќ.

Во ушите на многумина Германци зборот „татковина“ звучи излитено, се поврзува со свинска коленица, бело пиво, керамичко џуџе во градината. Или со антисемитизам, кукаст крст или бегалски домови во пламен. Нацистите биле тие кои поимот татковина го ставиле во фокусот на нивната идеологија, а нео-нацистите од десно-екстремната НПД се нарекуваат „социјална партија на татковината“. Десно-популистичката партија АфД пак е таа која германската татковина сака да ја заштити од бегалците. Ако е нужно, дури и со пукање со оружје во деца на германските граници. А како и при сите теми кои ги иницира АфД, другите партии се чувствуваат повикани да ги следат.

Откако предводничката на изборната листа на Зелените, Катрин Геринг-Екард на партискиот конгрес изјави: „Ја сакаме оваа земја. Таа е наша татковина, не треба да се разединува“, во партијата се разви голема дискусија. Дали една лево-ориентирана партија во Германија може да го употреби поимот во позитивна конотација? За базата на Зелените поимот е тешко сварлив, а партиското раководство има многу планови со него. „Татковина“ треба да стане рамката на идната коалиција од партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ, Либералите и Зелените. Во овој смисол, под татковина се подразбира - Германија. Оттаму неизбежно се наметнува и прашањето: за кого Германија може да биде татковина, а за кого не?

Безопасен или опасен термин?

Постојат луѓе родени на едно место, кои цел свој живот го поминуваат во него и го нарекуваат татковина. Постојат луѓе за кои татковината е затвор, од кој сакаат да заминат и подоцна го посетуваат најмногу еднаш годишно, за Божик, водени од чувство на должност. Постојат и луѓе кои ја губат својата татковина и мораат да бегаат. Тие ја немаат привилегијата да одлучуваат дали сакаат да останат во нивната татковина. А ако ја имаат таа несреќа, стигнуваат во друго место, пречекани од тамошни луѓе кои „нивната татковина“ сакаат да ја заштитуваат од „странците“, па таа за првите никогаш не може да стане татковина.

Во секојдевната употреба, поимот татковина е сосем безопасен. Мнозинството луѓе со него го означува местото на раѓање и израснување, со кое го поврзуваат убави спомени и место на кое се чусвтвуваат дека се дома. Во политиката пак овој поим е опасен и исклучувачки, ставен во фокусот на идеологијата на десничарските популисти низ цела Европа. 

Без татковина

Додека бев дете, ми велеа дека моја татковина е Србија, па јас бев горд што сум Србин. На вратот носев обесен православен крст и српски грб. До тој момент, јас самиот никогаш не сум бил во Србија. Моето семејство е од Босна и Херцеговина, а бидејќи таму во тоа време владееше војна, живеевме во Германија.

Вујко ми, Хрват, нѐ прибра кај себе во Ројтлинген, а на татко ми му помогна да најде работа на градилиште. Додека на оддалечност од 1000 километри Србите и Хрватите меѓусебно се масакрираа и прогонуваа, ние водевме мирен соживот, како семејство.

Кога Хрватска на Светското фудбалско првенство во 1998. година го освои третото место, јас славев. На автокорзото, како деветгодишник, седев на задното седиште во автомобилот и веев хрватско знаме низ прозорецот. Хрватско знаме в раце и српски грб на вратотот, за мене тука не постоеше противречност. Војната не ме интересираше. Дури подоцна дознав дека голгетерскиот крал Давор Шукер позирал пред гробот на усташкиот водач и нацистички колаборационист Анте Павелиќ, под чие водство биле погубени стотици илјади Евреи, Срби, Роми и опозиционери.

Се зафатив со проучување на војните на бившите југословенски простори и злосторствата извршени во име на Србија. Етнички чистења, концентрациони логори, систематски силувања, опсада на Сараево, Сребреница. Тоа ли е мојата татковина? На тоа треба да сум горд? Подобро не, беше мојата одлука. Го извадив српскиот грб од синџирчето околу вратот и го оставив во фиока. Таму е до денес. За мене, татковината стана нешто лошо. Нешто за што луѓето се спремни да следат најсвирепи наредби и да убиваат.

Пасош, татковина и права

Во Германија живеам откако памтам за себе. На времето претходно не се сеќавам. Сепак, Германија не стана моја нова татковина. Тешко е да се чувствуваш како дома кога постојано ти се заканува протерување. Протерување во земја која ја знаеш само од летните распусти и чиј јазик не го зборуваше најдобро. За мнозинството мои пријатели, најважниот документ кој го добија на 18 години беше возачката дозвола. За мене, тоа беше дозволата за неограничен престој.

Денес живеам во Берлин и сум Германец. Во тоа нема ништо на што сум горд или поради што се срамам. Едноставно, тоа е земјата во која живеам. Германскиот пасош не ми даде нова татковина, туку права. Право да патувам и право да гласам на избори. Право да бидам политички субјект на тероторијата на која живеам. Тоа не звучи толку мило како зборот татковина, но мене ми е поважно.

На крајот од делото на Ернст Блох „Принцип надеж“, стои реченицата: „Така во светот настанува нешто што сјае само во детството и каде никој никогаш не бил: татковина.“ Блох го напуштил германското царство како противник на Првата светска војна. Избегал пред нацистите, зашто бил Евреин, емигрирал од Германската Демократска Република откако влегол во костец со комунистичкиот режим. За Блох, татковина не било место на кое е човек роден, туку сеќавање и копнеж по детството и надеж во иднина која допрва требало да се реализира. Утопија, во која уште не бил ниеден човек. Во моите уши тоа звучи подобро отколку свинска коленица, керамичка фигура на џуџе во градина и министерство за татковина.

КрстоЛазаревиќероденвоБиХикакодетесородителитепобегналвоГерманија. ДенесживеевоБерлинипишувазанеколкумедиуминагерманскијазик.

 

DW.COM