1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: Што е во опасност?

Слободата на жените во Германија е врвна придобивка, која треба да се заштити, истакнува во Анила Вилмс, албанската писателка со живеалиште во Берлин.

Кога во октомври 1994. година дојдов во Берлин, штотуку имав дипломирано на универзитетот во Тирана. Сонувајќи за тоа да бидам интелектуалка на германското говорно подрачје, претпоставував, за волја на вистината,  дека поради тоа ќе морам во многу работи да се трансформирам. Меѓутоа, не можев ни да сонувам колкав културолошки шок ќе биде тоа.

Прво: студот. На Средоземјето сѐ уште беше крајот на летото, во Берлин- мраз. Беше тоа вистински скок во студена вода или подобро кажано, во студен воздух во Берлин. Тоа е источен ветер, ми рекоа веднаш, оној со кој не се шират мириси ни бои и оној кој ја ограничува смислата за мода. Бидејќи, нему можете да му пркосите само во дебели виндјакни, шалови, капи и џемпери- и  со печки и подруми полни со јаглен, во згради чии фасади сѐ уште се полни со дупки од куршуми од последната војна.

Но, во Берлин имаше нешто поради што бев подготвена да го прифатам студот со сите негови манифестации. За првпат во животот можев слободно да се движам низ градот и кога ќе се стемни. Никој на улица не се вртеше по мене, никој не ме напаѓаше. Немаше ни дофрлања, онакви слекувања со поглед, никакви закани и допирања од непознати мажи. Навечер во подземната железница, или на велосипед во паркот Тиргарден се чувствував безбедно. Мажите со власт- службеници, полицајци, професори- не ми влеваа страв. И никој не ширеше заканувачки гласини за мојата „чест“ и „морал“. Веќе не бев само талкачки објект на машката страст! Чудно. Токму спротивно од она што во 80-тите и 90-тите години ми беше познато во изолираната, комунистичка и пост-комунистичка Албанија. Младите жени како мене, имаа мир само во своите 4 ѕида и во тесниот круг на пријатели.

Живот под заштитен оклоп

Девојчињата од мали учеа да располагаат со потребните „инструменти“ за да опстанат во таквото крајно непријателско опкружување: неупадлива облека, мрачен израз на лицето, агресивен одбивен поглед, постојано маневрирање и избегнување, емоционална манипулација, лицемерие, никогаш немој да кажеш што мислиш, никогаш не откривај ништо интимно, секогаш одлучно негирај какво било обвинување. Тоа беше единствен начин за каков-таков опстанок во немилосрдната, физички и психички апсолутна доминација на мажите, инаку попознато како патријархат. Тоа беше постојана, исцрпувачка борба помеѓу мажите и жените. Во такви околности може да се оствари само дел од креативниот потенцијал. Беше опасно, депресивно, беше многу грдо и здодевно.

Беа потребни години додека поверував во слободата во Германија, додека полека почнав да ги отфрлам своите софистицирани инструменти и бев во состојба да развијам опуштен, искрен, нормален однос кон мажите. Додека не сфатив оти во оваа земја млада жена, за да напредува, не ѝ се потребни „телохранители“- познат татко, влијателен маж, посесивен заштитнички вујко, силни браќа или некој таков, туку дека ѝ се потребни само нејзините критички способности, емоционална интелегенција и морална храброст. Бидејќи, борбата се води со јазик и знаење, а не со тупаници.

Најдобар од сите светови

За нас жените, овој овде е најдобар од сите светови. А општество во кое жените се чувствуваат пријатно и во кое можат слободно да се движат е добро за сите. Причината поради која Западот е како магнет за толку многу, посебно млади луѓе од патријархални општества е секогаш иста: слободата на жената и почитување на женското. 

Животната смелост на жената го разубавува светот, го прави возбудлив, блескав, весело место- генијалност, труд, храброст, мерка и чувство за такт, леснотија и утеха, мудрост, лојалност и совесност на сите сестри, мајки, пријателки. Афродита, Атина, Амазонките и Марија Магдалена: сите тие тука можат да бидат тоа што сѐ, можат да се остварат, да дадат се’ од себе, можат да живеат исполнети животи.

Во последно време, додека слушам за сѐ почестите напади врз млади жени, ми крвари срцето. Бидејќи, јас многу добро знам каква опасност се заканува кога жените ќе се најдат под притисок и кога се принудени да се заштитат со оклоп. Таквиот живот веќе не е вреден за живеење. Не само за жените, туку за сите членови во општеството.

Како да ја заштитиме слободата на жените? Тоа ќе биде многу важно прашање во наредните години, за политиката и општеството во целина. Општество кое не е во состојба или не сака, својата мека сила да ја брани- ако е тоа неопходно- и со тврда сила, осудено е на културна пропаст. Нашите баби беа на барикадите. Јас сум секој момент подготвена да го сторам истото. Станува збор за една од важните цивилизациски придобивки на Западот.

Албанската писателка Анила Вилмс од 1994. година живее во Берлин. Во 2012.  беше објавен нејзиниот прв роман на германски јазик: „Албанско масло или убиство на улиците на Северот“.