Моја Европа: Мора да останеме будни! | Свет | DW | 30.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моја Европа: Мора да останеме будни!

Многумина од оние кои на крајот на 2016 година беа бесни, сега се само уморни. Се навикнавме на секојдневната омраза, предупредува Крсто Лазаревиќ. Сепак, има надеж дека во 2018 тоа ќе се промени.

Во 2016. човек исполнет о омраза и со реторика на тврдоглав седумгодишник беше избран за американски претседател, старите фрустрирани Британци го донесоа Брегзит, поради тоа што младите Британци вљубени во Европа си останаа дома, наместо да отидат на референдум, а со Принс си замина најголемата поп-легенда од 1980-тите.

Американскиот комичар Џон Оливер ја крена во воздух 2016-та, а притоа, соодветно, ја пушти европската химна. Радост бистра, убост чиста. Луѓе во цел свет го кренаа средниот прст и извикаа „Fuck You 2016“.

2016-та во историјата ќе остане запишана како година во која т. н. западен свет без потреба самиот тргна во насока спротивна на стрелките на часовникот.

И тоа не заради економска криза, како што беше случајот во 1929 година, туку едноставно затоа што многу луѓе се одлучија да ја стават картата на националистичка заостанатост, наместо на општества отворени кон светот. Не затоа што им оди лошо, туку едноставно затоа што им е забавно да газат удолу.

2017-та не беше подобра, но се помиривме со многу работи

Погледот наназад на 2017-та година не буди такви сили чувства. Не затоа што станало подобро, туку затоа што се помиривме дека т. н. западен свет во наредните години нема да биде подобро место и дека може да се сметаме за среќни и само доколку успееме да зачуваме статус кво.

На 2017. година ѝ одеше како на 1970., 1915. и 1969. Тоа е година по големиот татнеж. Притоа, и во 2017. доволно татнеше.

Првите месеци од Трамповото претседателство делуваа како виц. Не можеше да спроведе многу од своите намери, затоа што беше блокиран од совесни судии или од Конгресот. Но, вицот заврши најдоцна со убиството на 32-годишната демонстрантка Хедер Хајер од страна на десен екстремист, на 12 август во Шарлотсвил. 45. претседател на САД не успеа да смогне сили да осуди убиство, затоа што му беше поважен аплаузот од неонацистите и другите десни екстремисти.

Во Германија во 2017 година една деснопопулистичка партија стана трета по јачина политичка сила во Бундестагот, партија која во своите редови толерира неонацисти. Амадеу-Антонио-фондацијата и Про Азил избројаа над 1700 кривични дела насочени против бегалците во Германија. Тоа се повеќе од четири дневно.

На Балканот се слават осудени воени злосторници

Во Австрија човек со неонацистичко минато е дури поставен за вицеканцелар. Во 2000 година, учеството на деснопопулистичката ФПО во владата доведе до санкции од страна на ЕУ. Во 2017 година нема ништо освен честитки од главните градови во Европа. Канцелар, пак, е еден 31-годишник, кој никогаш не ги завршил студиите и чија цела изборна програма се состоеше од тоа да ја затвори Балканската рута.

На Балканот осудени воени злосторници се слават на јави места, пред сѐ Слободан Праљак, кој по изрекувањето на пресудата јавно изврши самоубиство. Дури и претседателката и премиерот на ЕУ-членката Хрватска го критикуваат судот за воени злосторства во Ден Хаг и сметаат дека пресудите против оние кои се одговорни за смрт и протерување се нефер.

Во Чешка популистичкиот европски критичар Андреј Бабиш е избран за премиер и сега е можеби упатен на гласовите од десните екстремисти и од комунистите за воопшто да може да владее.

Полска и Романија се исправени пред спроведување на сомнителни правосудни реформи. Во Полска кршењето на „европските вредности“ е толку големо, што првпат е активиран членот 7, кој на крајот може да доведе до одземање на правото на глас на Полска.

Европа оди сѐ подесно

Унгарската влада одамна ја фрли на ѓубриште идејата за либерални европски вредности, но за разлика од Полска, нема да биде казнета за тоа, затоа што партијата на Виктор Орбан и натаму е дел од пратеничката група на Европската народна партија, заедно со германските партии на Унијата (ЦДУ и ЦСУ), како и австриската ОВП, кои над нејзе ја имаат својата заштитиничка рака.

И додека континентот оди сѐ подесно, во 2017 година повеќе од 3.100 луѓе се удавија во Средоземното Море во текот на своето бегство кон Европа.

Многумина кои во 2016 година беа бесни, сега се само уморни. Барем така е со оние на кои им е важно отворено општество. Се навикнавме на тоа да се доведуваат во прашање основни права на малцинствата. Се навикнавме на секојдневната омраза на улиците, во парламентите, на социјалните мрежи. Се навикнавме на уназадување. Се навикнавме во парламентите повторно да има помалку жени.

Често „стравот“ од бегалци е едноставно само расизам

Имаме стравови за кои зборуваме меѓу нас, но кои речиси и не се тематизираат во големите политички ток-шоу програми. Се плашиме дека ќе ни бидат одземени саканите слободи и права. Имаме страв дека ќе стане нормално повторно да се гази по најслабите во општеството. Страв од социјално пропаѓање. Но за овие стравови не се зборува во големите политички ток-шоу програми. Секогаш се зборува за „стравови“ од бегалци и од тероризам. А често тоа воопшто не е „страв“ од бегалци, туку едноставно расизам.

На многумина „критичари на азилот“ им е сеедно кога богатите избегнуваат да плаќаат милијарди евра данок, со тоа што своите пари ги носат во даночните раеви. По откритијата на Рајските документи не поминаа ни неколку дена, а веќе сѐ стивна. На „критичарите на азилот“ им е важно само да им се одземе она што го поседуваат бегалците, како што тоа наскоро ќе стане редовна пракса во Австрија.

2017-та е година во која многумина се уморија, а мора да останеме будни. Мора да бидеме будни за барем да одбраниме статус кво и да не уназадуваме и натаму.

Во 2017. бевме поштедени од најлошото

Но, на крајот на годината не би требало да ја ставаме главата в песок. Па во 2017. барем бевме поштедени од најлошото. Десната екстремистка Марин ле Пен јасно загуби на претседателските избори во Франција и засега нема да ја уништува ЕУ.

Финска, Малта и Германија воведоа брак за сите, а во Австрија судиите ја принудија владата и таа да го стори тоа наскоро. Благодарение на #MeТoo од високи позиции на моќ мораа да се повлечат и мажи.

Сѐ уште ништо не е загубено. 2018-та може да влезе во историјата како година во која граѓаните ќе се спротивстават на вртењето кон десно и уназадувањето.

Крсто Лазаревиќ е роден во Босна и Херцеговина. Како дете со семејството избегал во Германија. Денес живее во Берлин, работи како новинар и публицист и пишува за различни медиуми на германски јазик.

DW.COM