1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Москва и состојбата во Украина: Нема да има конфликт на Крим

Русија стави во борбена готовност делови од армијата. Експертите меѓутоа не веруваат дека е можна војна на украинскиот полуостров Крим. И покрај тоа односите меѓу Москва и Киев остануваат тешки.

Од Русија доаѓаат контроверзни сигнали. Претседателот Владимир Путин вчера (26.02.2014) изнанадувачки ја стави армијата во борбена готовност во западниот и во централниот дел на земјата. Голем дел од руските трупи треба да бидат во борбена готовност, соопшти министерот Сергеј Шојгу без да наведе причини за ваквата наредба со која се погодени и регионите на границата кон Украина. Многу Украинци стравуваат дека по промената на власта во нивната земја, Русија би можела воено да се вмеша. Москва не го признава легитимитетот на новите властодржци во Киев.

Руски пасоши како знак за аларм

Пред неколку години Путин како „кошмар“ ја означи можна воена конфронтација со Украина. „Ужасно е да се мисли на тоа“. „Такво сценарио е невозможно“, изјави вчера Валентина Матвијенко, претседателка на Советот на федерацијата во Москва. Советот е вториот дом на рускиот парламент во кој се застапени регионите. Во првиот дом, Думата, во меѓувреме жестоко се дискутира за промената на власта во соседната екс-советска република. Десниот популист Владимир Жириновски дури предложи на Украинците да им се даваат руски пасоши.

Duma Russland Ratifizierung Eintritt in WTO

Руската Дума

Во Украина, но, и во западните експертски кругови, ваквите вести внимателно се следат. Експертите како Јенс Зигерт укажуваат на тоа дека Русија делела пасоши и во грузискиот сепаратистички регион Абхазија. „Го сметам тоа за опасен чекор“, изјави раководителот на германската фондација Хејнрих Бел во Москва во разговор за ДВ. Тој меѓутоа сѐ уште не е сигурен дали Кремљ ќе се одлучи за такво нешто во случајот на Украина.

Воена интервенција „многу неверојатна“

И други експерти се сомневаат дека Русија воено ќе интервенира во Украина. „Тоа е сценарио кое го сметам за исклучено“, изјави за ДВ Гархард Мангот од Универзитетот во Инсбрук. „Такво нешто би предизвикало огромни штети за односите на Русија со ЕУ и САД“, вели Мангот според кого друга причина против вакво сценарио е украинската армија, која може да даде силен отпор.

„Меѓутоа ако на Крим дојде до судири меѓу руското и украинското или татарското население и централните власти во Киев одлучат да интервенираат со безбедносни сили или да ја доведат во прашање автономијата на Крим, тогаш би можел да замислам воена акција на Русија“, вели овој експерт, кој тоа сепак го смета за „многу неверојатно“.

И публицистот Кристијан Виперфурт, кој работи за Германското друштво за надворешна политика во Берлин не гледа никаков повод за тоа украинските граници да бидат доведени во прашање. „Но, не можам целосно да го исклучам тоа“, рече тој за ДВ.

Погрешна проценка на протестите во Киев

Експертите меѓутоа се единствени во тоа дека Русија направила грешка во нејзината политика кон Украина: „За Москва без сомнение ова е тежок пораз“, смета Гернот Мангот. Според него Кремљ го потсенил опозициското протестно движење на Мајдан, плоштадот на независноста во Киев. Претседателот Путин очигледно верувал дека со кредитот од 15 милијарди долари може да ја привлече Украина на своја страна.

Петер Шулце од Универзитетот во Гетинген смета дека Русија воопшто нема интерес да удри на маса и да се однесува непомирливо и оти Москва знае дека не може да игра на „картата на сепаратизмот“ во Украина.

Wladimir Putin Präsident Russland Moskau PK Pressekonferenz 19.12.2013

Претседателот на Русија, Владимир Путин

За иднината на руско-украинските односи експертите имаат различни проценки. Петер Шулце верува дека многу нешта ќе зависат од предвремените претседателски избори во Украина на крајот од мај годинава. Дури и во случај на приближување на Украина кон Европа, на што во Русија се гледа критички, Киев и Москва не се принудени да меѓусебно да се разијдат, вели Шулце.

Мнозинството Руси против вмешување во Украина

Кристијан Виперфирт верува дека односите меѓу Украина и Русија ќе останат тешки. Тенденцијата да се држи растојание од Русија, зајакнува во Украина. Меѓутоа тој не верува дека Русија ќе изврши масивен економски и воен притисок врз Украина. Герхарт Мангот гледа поинаку и не исклучува дека Русија ќе ги стопира ветените кредити за Украина и да ги укине попустите на цената на гасот.

Мнозинство од Русите во секој случај сака Москва да биде воздржана во однос на Украина. 73 проценти од Русите, според последната анкета на Московскиот институт за истражување на јавното мислење, ВЗИОМ, велат дека Русија не треба да се меша.