1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Москва бара ревизија на повеќе договори за разоружување

Ширењето на антиракетниот штит на САД и врз источна Европа внесе немир во односите на Русија со САД и ЕУ. Рускиот претседател Путин го суспендира Договорот за конвенционални сили во Европа. Москва истакна и нови барања

default

Се’ повеќе земји располагаат со ракети од среден дострел

Русија го повика НАТО на целосно нови преговори за стационирање на конвенционално оружје во Европа. На прес-конференција во Министерството за одбрана, Евгениј Бушински, шеф на Одделот за меѓународни договори, рече: “Договорот од 1990-та беше спогодба меѓу два воени блока, Варшавскиот пакт и НАТО. Во тој момент Варшавскиот пакт дури веќе воопшто и не постеше, а кога договорот беше ратифициран, веќе го немаше Советскиот сојуз. Неговата апсурдност е очигледна”.

Тој договор беше преработен во 1997-ма, но НАТО таа верзија никогаш не ја ратифицира, под образложение дека и натаму има руски војници во Молдавија и Грузија. НАТО се однесува некоректно, рече Бушински, тврдејќи дека повлекувањето на руските војници од Грузија е речиси целосно завршено, и нагласи: “Ние од друга страна не разбираме зошто им се потребни на Американците две нови воени бази во Романија и Бугарија. Командантот на силите на САД во Европа неодамна изјави дека тие бази биле ориентирани спрема Кавказот. Што значи тоа? Кавказот лежи во Русија!”.

Затоа Русија смета дека начелно мора наново да се преговара за воената рамнотежа во Европа. Според Бушински, и Договорот за ракети од среден дострел, склучен меѓу Реган и Горбачов во Вашингтон 1987-ма година, е прегазен од настаните: “Во денешниве услови тој е егзотичен. Договорот ја исполни својата историска задача - САД и тогашниот Советски Сојуз ги уништија своите ракети. Но, други држави, како Индија, Пакистан, Саудиска Арабија, Иран или Кина, имаат такви ракети”.

Значи, наскоро треба да се преговара и за тој, како впрочем и за Договорот Старт 1, потпишан во 1991-ва меѓу Горбачов и Буш сениор, со кој се утврдува бројот на ракети и на атомски боеви глави. Важењето на Старт 1 истекува во 2009-та година.

Херман Краузе