1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

“Мораме да останеме будни”

Отстранета е акутната, но не и целосната терористичка закана. Истражните органи се во потрага по налогодавци и помагачи на 3-та уапсени под сомнение за подготвување серија терористички напади во Германија

default

Американски бази во Германија требало да бидат цел на планираните терористички напади

Германските безбедносни власти успеаја да и’ нанесат удар на терористичката мрежа Унија за исламски џихад и спроти шестата годишнина од терористичките напади во Њујорк и Вашингтон да спречат напади врз американски институции во Германија. По успешната антитерористичка акција на полицијата, канцеларот Ангела Меркел изјави: “Сознанието сега гласи: опасноста не е само апстрактна, има и реални опасности. Но, ова беше и вистински големо постигнување на нашата полиција”.

Истрагата сега е насочена кон 10-мина натамошни лица. Државниот секретар во Сојузното министерство за внатрешни работи Аугуст Ханинг зборуваше за мрежа од поддржувачи и луѓе кои од заднина ги влечат конците. “Во видокругот не ни се само тие дестмина. Такви терористички напади имаат потреба од логистика, од подготовки. Поради тоа се обидуваме да ги идентификуваме сите луѓе кои во заднината учествувале или требало да учествуваат во подготовките на планираните напади”. Меѓу нив, вели Ханинг, има Германци, Турци и луѓе од други националности, некои се во Германија, други во странство. По разбивањето на оваа терористичка ќелија, според него, веќе нема конкретна опасност, но вознемирува фактот дека останува налогот за изведување напади во Германија.

“Не можеме да се опуштиме, мораме и натаму да останеме будни”, рече изутрината претседателот на сојузната полиција (БКА) Јерг Цирке во “Утринскиот магазин” на Првата програма на германската телевизија. “Скршен е само врвот” на акутната терористичка опасност, но не е отстранета целата закана, рече тој.

Сојузниот министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле побара престојот во логори за обука да биде казниво дело, за што доби подршка и од Централниот совет на муслиманите во Германија. Заменик-претседателот на фракцијата на партиите на Унијата во Бундестагот Волфганг Бозбах, пак, бара воведување кривично дело дејства на терористички подготовки. Шојбле и во оваа пригода побара да и’ се овозможи на полицијата да врши тајни контроли на хард-дисковите на приванти компјутери на сомнителни лица, образложувајќи дека исламските терористи се’ повеќе комуницираат преку интернет. “Поради тоа е правилно ако безбедносните власти ги имаат и неопходните средства врз јасна законска подлога, за да можат успешно да ја вршат својата работа во трката со злосторниците” – рече Шојбле.

Сојузниот министер за правда Бригите Циприс е против, укажувајќи дека и сегашниот успех бил постигнат без онлајн-истрага во компјутери. Решавачките индиции произлегле од едноставната контрола на интернет-преписките со мејлови. “Тоа, како што е познато, веќе сега е изводливо. Онлајн-истрага не ни е потребна”.

За трајно да се намали терористичката опасност во Германија шефот на БКА Цирке смета дека е неопходна соработка и дијалог со исламските здруженија во земјава.

Со оглед на растечката терористичка опасност, синдикатите на полицијата побараа значително повеќе персонал и модернизација на техничката опрема. Само во истрагата против сега уапсените лица во повеќемесечна нон-стоп акција биле повеќе од 300 полицајци. Кругот на потенцијално опасните лица, што треба да бидат полициски набљудувани, ќе биде се’ поголем. Ако продолжи намалувањето на бројот на вработените, полицијата веќе не ќе биде во состојба да изведе такви акции, проценуваат полициските синдикати.

Поврзана содржина