1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Моралес се заканува дека ќе ја затвори американската амбасада

Принудното слетување во Виена го разлути боливискиот претседател Ево Моралес. Тој смета дека зад акцијата стојат САД. Тоа за Моралес е доволна причина за да им се заканува на Американците.

По забраната за прелет на неговиот авион, боливискиот претседател Ево Моралес е бесен на европските држави одговорни за тоа, но пред се‘ на САД.

„Извинувањата на земјата која не ни дозволи прелет на територијата не се доволни“, изјави Моралес на средбата со латиноамериканските колеги во боливискиот град Кочабамба. Тој им се закани на САД со затворање на нивната амбасада во Ла Паз. Владата го преиспитува ваквиот чекор. „Не ни е потребна американска амбасада“, нагласи Моралес. „Без САД стоиме подобро политички и демократски, а без Светска банка и ММФ економски ни оди подобро.“ Според Моралес, нови сојузници на Боливија се Латинска Америка, Кина, Русија и некои европски држави.

Morales Abflug Wien 03.07.2013

Авионот на Моралес на аеродромот во Виена беше 13 часа

Авионот на Моралес кој тргна од Москва, неделава мораше да слета на аеродромот во Виена, каде беше заглавен 13 часа, наводно поради сомневања дека во авионот се наоѓа Едвард Сноуден, човекот што ја откри програмата за  надгледување „Призма“. Раководството во Ла Паз е огорчено поради тоа што Франција, Италија, Шпанија и Португалија го затворија на одредено време својот воздушен простор и не дозволија прелет на авионот на претседателот Моралес. Тоа, според Моралес, е направено под притисок на САД.

„Што им беше целта, сакаа да ме исплашат? Сакаа да ме замолчат, да ме заплашат?“, праша Моралес, додавајќи дека никогаш не помислил да го изнесе Сноуден од Русија. Претседателите на Венецуела, Еквадор, Аргентина и Уругвај, по разговорите со Моралес изразија своја солидарност. Сепак, колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос предупреди дека инцидентот не смее да се претвори во дипломатска криза меѓу Латинска Америка и Европа.