1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Монти од Давос се пресметува со Берлускони

Светскиот економски форум во Давос се покажа како плодно тло и за претставување на лични интереси. Италијанскиот премиер Монти го искористи настапот за својата предизборна кампања. Лагард се претставуваше како визионер.

Италија во февруари бира нов парламент, а нејзиниот премиер Марио Монти го искористи Светскиот економски форум во Давос за својата предизборна кампања. Најпрво им се заблагодари на граѓаните кои издржаа и ги поддржаа жестоките и бројни реформи во последните 14 месеци. Потоа се пресмета со Силвио Берлускони. Не споменувајќи го неговото име, Монти рече дека тој Италија ја довел до работ на амбисот.

„Италија со години живееше во илузија и ветувања за промени, а притоа не се спроведуваа потребните реформи“, критикуваше Монти.

Непартискиот кандидат Монти, кој од ноември 2011. беше премиер на техничката влада, спроведе низа реформи, меѓу другите и реформа на пензискиот систем и воведе повеќе конкуренција на енергетскиот пазар, финансискиот сектор и во малопродажбата. Според податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) само овие реформи го зголемиле стопанскиот раст на Италија за 0,4 проценти.

Symbolbild - Silvio Berlusconi

Силвио Берлускони

Монти рече дека никогаш не ја префрлал вината за острите реформи врз Европа. „Никогаш не реков: ’Жал ми е, Европа не тера на овие мерки’. Многу пати нагласив дека реформите се во наш интерес и во интерес на идните генерации“, рече италијанскиот премиер.

Критики на сметка на Ангела Меркел

Сепак, Монти не ги поштеди од критики своите европски колеги, а меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел. Иако не и го спомена името. Европејците од Северот долго не можеа да сфатат дека должничката криза во Европа не може да се надвладее само со штедење. Секако дека секоја земја мора да ги среди своите финансии, рече Монти:

„Но, тоа беше тешка борба - интелектуално и политички. Беше тешко да се уверат шефовите на влади на земјите од северот на Европа дека не е доволно ако пазарите од заедничката валута повеќе не уживаат целосна доверба. Пред една година токму тоа беше случај’, рече Монти.

Лагард бара натамошни реформи

Christine Lagarde / IWF / Währungsfonds / Tokio

Кристин Лагард

За разлика од Монти, шефицата на ММФ Кристин Лагард не водеше предизборна кампања. Иако често беше во судир со европските политичари, кога се работи за вистинските чекори кои треба да се преземат во борбата против должничката криза, таквите детали таа не ги вклучи во говорот. Лагард повеќе беше свртена кон иднината. По 2025. година околу две третини од населението во Азија ќе биде под 30 години старост, а веќе денес во Африка и во некои арапски земји нивниот број е над 60 проценти. Тоа бара нов облик на економија, помалку бариери, повеќе транспарентност, повеќе шанси за жените и правилна распределба на добивката, рече Лагард.

Таа говореше и за студијата која беше изработена на барање на Светскиот економски форум во Давос, а во која како главна закана за глобалната економија беше означен растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните. „Во овој случај може да помогне образованието, социјалната сигурносна мрежа и загарантираната најниска плата“, рече Лагард.

На крајот таа визионерски порача дека светската економија и во иднина ќе биде во знакот на земјите во забрзан развој. Тоа го потврдија и прогнозите на ММФ објавени во средата на 23 јануари. Економскиот раст во земјите во развој годинава достигнал 5,5 проценти, додека во еврозоната, на пример, тој е во пад.