Монти: На ЕУ и’ се заканува сиромаштија | Економија | DW | 28.06.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Монти: На ЕУ и’ се заканува сиромаштија

Европската унија е под закана за сиромаштија, ако нејзините лидери не соработуваат и не најдат начин да ги задржат ниски каматите за државниот долг на Италија, предупреди италијанскиот премиер Марио Монти.

Барањето на Монти имаше благо прикриена критика против германскaта канцеларка Ангела Меркел, откако каматите за италијанскиот долг достигнаа рекордно висока вредност, а таа изјави дека „додека е жива“ нема да дозволи европските влади да ги поделат долговите на земјите членки. Монти смета дека ако жителите на Италија се обесхрабрат, тоа би окуражило „политички сили кои велат дека европската интеграција, еврото, таа или онаа држава одат по ѓаволите“. Притоа Монти на ум го има својот претходник Силвио Берлускони, кој во последно време зборува дека не разбира зошто Италија едноставно не се откаже од еврото.

Забелешките на италијанскиот премиер стасаа пред одржувањето на самитот на европските лидери. Таму грчкиот претседателот Каролос Папуљас, кој ја предводи делегација на својата земја, на европските лидери ќе им предаде писмо од премиерот Антонис Самарас, во кое се бараат прилагодувања на договорот за враќање на долгот кон кредотрите. Неименувани извори наведоа дека во писмото Самарас не бара специфични промени на условите за враќање на долгот, туку „извесни прилагодувања“ поради се поголемата рецесија и високата невработеност во земјата.

На самитот се очекува германската канцеларка Ангела Меркел да им се спротивстваи на Франција и Италија, барајќи да се стават основните проблеми на Унијата пред барањата за идни акции. Меркел смета дека треба да се остават на страна барањата на Италија и Шпанија за итна акција за намалување на нивните трошоци за заеми, како и францускиот предлог за заедничка одговорност на долговите на секоја од членките.

Европските лидери на дводневниот самит во Брисел одат поподелени од кога било до сега по почетокот на должничката криза, којашто еруптираше во Грција пред две години и се прошири низ еврозоната.