1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Монти ги обедини германските политичари

Не постојат многу теми околу кои германските политичари денес се единствени кога е во прашање еврото. Но, за една сите се обединија. Германците не се подготвени да ја суспендираат својата демократија за туѓи долгови.

Италијанскиот премиер Марио Монти успеа со еден единствен цитат да ги обедини пратениците од сите политички табори во Германија во одбраната на правата на парламентот.

Во интервју за германскиот магазин „Шпигел“ поранешниот еврокомесар изјави дека во справувањето со еврокризата европските влади треба да имаат повеќе одврзани раце во однос на своите парламенти.

„Ако владите целосно се врзат на одлуките на своите парламенти, без да го зачуваат сопствениот маневарски простор, распадот на Европа е поверојатен отколку нејзина интеграција“.

Шефот на пратеничката група на Социјалдемократската партија Јоахим Пос за „Рајнише пост“ од Диселдорф вели:

„Прифаќањето на еврото и неговиот спас преку националните парламенти само го јакне, а не го ослабува. Во Италија очигледно во годините на Берлускони настрадало сфаќањето за улогата на парламентот“.

Дури и германската влада се дистанцира. Заменикот владин портпарол Георг Штрајтер во името на канцеларката, која е на одмор, изјави:

„Став на канцеларката е дека нам во Германија всушност секогаш добро ни оди преку вистинската мерка во поддршката преку и учеството на парламентот. Не напразно во последно време добивме неколку укажувања од Уставниот суд дека парламентот е премалку вклучен во одлуките“.

Штрајтер укажа и на уставот, според кој секоја државна одлука мора да има „демократска легитимација“.

Италијанскиот премиер и поранешен еврокомесар изјавата ја даде во контекст на предупредување од распад на ЕУ.

„Тензиите кои последниве години ја следат еврозоната, веќе носат во себе трагови на психолошко растурање на Европа“, изјави 69-годишниот политичар:

„Ако еврото стане фактор на европско разијдување, „тогаш е уништен темелот на проектот Европа“.

Вообичаено драстично на изјавите на Монти реагираше баварската Христијанско-социјална унија. Нејзиниот генерален секретар Александар Добринт го обвини италијанскиот премиер за недоволно разбирање на демократијата.

„Алчноста по германски пари го тера господинот Монти кон недемократски средства“, изјави Добринт за весникот „Ди велт“.

„На господинот Монти очигледно му треба јасен германски став-дека ние Германците не сме подготвени да ја суспендираме нашата демократија заради финансирање на италијанските долгови“.

Претходно министерот за финансии на Баварија исто од ЦСУ, Маркус Седер побара излегување на Грција од еврозоната. Преку Грција треб ада „биде воведен пример дека и еврозоната може да ги покаже забите“, изјави Седер. Баварскиот министер за стопанство од коалиционата Пратија на либералите Мартин Цајл пак уште подиректно побара: „ Кој не е во состојба да се придржува на договорените правила, мора да ја напушти еврозоната“.

Тоа што најострите тонови против европските земји во криза доаѓаат од Баварија, има внатрешнополитички мотиви-по една година се одржуваат покраински парламентрани избори на кои на ЦСУ првпат му се заканува опасност од губење на власта.

Во Европа меѓутоа острите изјави во однос на земјите во криза се сфаќаат не како баварски, туку како германски став и соодветно на тоа се и реакциите. Токму на тој факт укажува и германската опозиција, но од неодмерените изјави од редовите на сестринската партија ЦСУ е загрижена и владејачката Христијанско-демократска партија на канцеларката Ангела Меркел.