1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Монолитен став против моноетничко име

Географска одредница може, но не и предлози за име со едноетнички предзнак, како 'Славомакедонија' или ПЈРМ, бидејќи тие не го одразуваат мултиетничкиот карактер на државата, велат од ДУИ

„ За Албанците во Македонија е прифатливо секое име што го одразува мултиетничкиот карактер на државата". Оваа изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дадена на неодамнешната средба со претседателот на парламентарната група на австриската Народна партија, Карлхајнц Копф, во Виена, отвори многу прашања во македонската јавност. Дали по надворешните притисоци и условувања од Грција и Бугарија, на повидок е и притисок од внатре и тоа директно од партија-учесник во власта?

Црвените линии на ДУИ

Нема никаков внатрешен притисок, категоричен е портпаролот на партијата, Бујар Османи.

„ ДУИ не дава никакви предлози за 'мултиетничко име', туку само ги соопштува своите црвени линии. Тоа значи дека партијата го прифаќа секое решение за кое ќе биде постигнат компромис меѓу Македонија и Грција, но под услов тоа име да не рефлектира моноетнички карактер на државата. Такви неприфатливи предлози би биле имиња со едноетнички предзнак, како на пример, 'Славомакедонија' или 'Поранешна Југословенска Република Македонија'", вели Османи.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Тој потенцира дека за ДУИ е најнеприфатлива актуелната референца ПЈРМ.

„ Не ја сакаме, бидејќи Југославија е дел од лошата меморија на Албанците, а Али Ахмети своевремено беше еден клучните играчи за растурање на таа федерација", вели Османи.

За ДУИ е прифатливо да се разговара за име со географска одредница, насока во која и сега се водат преговорите за решавање на спорот за името. Оваа партија не е осамена во ваквото барање. И лидерот на Националната демократска преродба (НДП), Руфи Османи, деновиве ја потенцираше потребата од име кое нема да го оспори мултиетничкиот карактер на државата, со аргументација речиси идентична со онаа на ДУИ.

Негување на имиџот

Поранешниот министер за надворешни работи, Александар Димитров, вели дека не му е јасно предуредувањето на Ахмети, бидејќи Македонија и по традиција и по дефиниција е мултиетничка држава. 

„ Сепак, мислам дека ова е само порака од Ахмети да не биде подзаборавен како актуелен коалициски партнер, а можеби и најава за негово поактивно вклучување, доколку во иднина се дојде до поголема извесност за решавање на спорот за името", смета Димитров. 

ДУИ подолг период се обидува да изгради имиџ на партија чиј партиски приоритет се совпаѓа со државниот - членство на Македонија во ЕУ. И на споменатата средба во Виена, Ахмети повторил дека Албанците во Македонија се заинтересирани што побрзо да се постигне компромис во спорот за името, со цел да се деблокираат интегративните процеси. Во август 2011 година, лидерот на ДУИ побара меѓународна помош за решавање на спорот за името.

„ Најдобар начин за тоа е да се формира група, чие седиште нема да биде во Њујорк, туку ќе делува овде, во регионот. Би сакал таа група да функционира како што функционираше групата на Ахтисари, групите кои ги создадоа Рамбује и Дејтон, и преку еден засилен ангажман на крајот Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ", предложи тогаш Ахмети.

Ali Ahmeti Vorsitzender der BDI Partie DUI

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети


Предлогот беше одбиен поради, со аргументација дека Вашингтон и Брисел не може да размислуваат за таков пристап, ако во основа нема расположение, пред се, кај одговорните во Скопје.
„ Името е прашање кое сами треба да го решите. Двајцата премиери - македонскиот и грчкиот се среќаваа, разговараа, ние тоа го поздравивме и се надеваме дека ќе најдете решение за проблемот, кој според нас, долго се провлекува. Господинот Ахмети го знае нашиот став. Би ви сугерирал да ги прашате вашите лидери што прават за да го решат проблемот со името", му одговори на Ахмети, Филип Рикер, заменик-помошник на државниот секретар на САД.

Дали Ахмети ги прашал, на јавноста до денес не и познато.