1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Мониторинг од ЕУ - што значи тоа?

Барозо и Филе при посетата на Македонија понудија директен мониторинг на она што македонската влада го прави при исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ. Дали тоа треба да се толкува како позитивна порака?

default

Комуникација на високо ниво

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо и еврокомесарот за проширување, Штефан Филе, во Охрид понудија подигање комуникацијата меѓу Скопје и Брисел на највисоко ниво и директен мониторинг на она што македонската влада го прави во реализацијата на европските реформи.

Васко Наумовски, вицепремирот за евроинтеграции, вели дека владата има подготвено акциски план за европските закони, меѓу кои и подзаконски прописи, што е важно кога ќе започне фазата на претпристапни преговори. Претседателот Ѓорге Иванов, во присуство на Жозе Мануел Барозо, во Охрид рече дека државата е подготвена да ги започне преговрите со Унијата.
Кога официјалници на ЕУ постојано ви велат дека нема напредок во политичкиот дијалог, а особено ги издвојуваат незавсноста на судството и компетентноста на администрацијата, тогаш „ви е кажано се`, само треба да сакате или да знаете да ги читате пораките“, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски. Тој особено го нагласува партизирањето на судството.
„Со оценка за партизирано судство се избрани пред се` млади судии, тоа не се комуњарски судии, и јасно е дека тоа е тежок проблем. Без одговорност кон пораките што ви ги испраќа Брисел, вие не сте партнер со Унијата“, вели екс-министерот за надворешни работи.
Боцевск: Далеку сме од фазата на скрининг
Ivica Bocevski und Olli Rehn

Боцевски: Брисел инсистира на осумте одредници од времето на Оли Рен

Ивица Боцевски, екс-вицперемиер за евроинтеграции, потсетува дека во 2008 година владата понудила да се применува модел на таканаречен скрининг, споредбена анализа на македонското законодавство со европските препораки, што било применето при процесот на прием на неколку земји од големата десетка на членките од Југоисточна Европа. Според него, Брисел се` уште инсиситира на осумте одредници од времето на еврокомесарот Оли Рен - политички дијалог, реформа на полицијата, администрацијата, независно судство, борба против корупцијата, немешање во автономијата на бизнис заедницата... Затоа понудата на Барозо за мини-самити ЕУ-Македонија, двапати годишно, не може да се третира како модел на скрининг, смета Боцевски, кој премина во редовите на либералдемократите.
„Далеку сме од фазата на скрининг, тоа ќе подразбира длабоко снимање на домашното законодавство, заглавие по заглавие, меѓувладина конференција поврзана со заглавијата. Таков процес не е на повидок, но ЕУ сака да помогне да се забрзаат нашите реформи и тоа не смееме да го испуштиме по разговорите со Барозо. Неспорно е дека неговото доаѓање треба да се толкува со позитивна енергија и пораки за проширување“, оптимистичен е Боцевски.

Димова: Штета е што евросекторот го напуштија компетентни лица
Mazedonischer Ministerpräsident Nikola Gruevski trifft Präsidenten der EU Kommission Jose Manuel Barroso

Дали премиерот Груевски во иднина почесто ќе патува за Брисел?

Сличен став има и Лидија Димова, директор на Македонскиот центар за европско образование. Таа за ДВ оценува дека „за да почнат преговорите со ЕУ, скринингот е првиот чекор на ЕК, односно оценка на сите закони, на административните и интитуционални капацитетити на кандидатот за членство, и тоа се изведува во име на 27. членки, кои имаат право и на свои забелешки. Но, мислам дека е штета што досега не формиравме тим за претпристапните преговири и тоа час поскоро треба да го направиме по изборите“, нагласува директорката на Македонскиот центар за европско образование. Таа невладина организација изведе и голем број на обуки за општинските администрации околу пристапноста на европските фондови за меѓугранична соработка и проектите на локалната заедница.
Подигањето на политичкото ниво на разговори со Европската комисја претпоставува дека домашната администрација, пред се` во евросекторот, ќе ја реализира периодичната динамика на промени во легеслативата и нејзино унифицирање со европските стандарди од 35 препораки, вели Ивица Боцевски.
Тој посочува дека стратешка грешка е што од евросекторот си заминаа обучени кадри и дека и овој владин дел се партизира со “луѓе кои не знаат ниту англиски, а парадокс е и приемот на дипломирана балерина во секторот за евроинтеграции“. Со слична оценка е и Димова, која смета дека се растурени тимовите кои ја познавале европската проблематика.
Консултираните експерти очекуваат владата јавно да соопшти што е содржината на понудата од Барозо за поинтензивен мониторинг од ЕУ и дијалог на највисоко ниво меѓу ЕК и владата во Скопје.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Трајче Тосев

DW.COM