1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Монгани Вали Сероти ексклузивно за ДВ: Поезијата е војна преку зборови

Добитникот на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, јужноафриканскиот поет Монгани Вали Сероти, е наречен глас на отпорот. Во ексклузивното интервју за ДВ вели дека борбата против апартхејдот не е завршена.

Вали Сероти е еден од најеминетните и највлијателните јужноафрикански поети и писатели. Роден е во Јоханесбург во 1944 година. Израснал во услови на режимот на апартхејдот, а неговата поезија станала одраз на суровата реалност во Јужноафриканската Република во периодот меѓу 70-те и 80-те години од минатиот век . Со добитникот на престижниот „Златен венец “ се сретнавме  во Струга. Едноставен и комуникативен. Како да се знаеме години, без двоумење ја прифати поканата за разговор.

„Многу сум возбуден  и чувствувам дека народот и Владата на Македонија навистина ме почестија со доделената престижна награда. Но чувствувам дека со ова искажаа почит и љубов и кон луѓето во мојата земја. Слушнав и знам дека ’Златниот венец’ е многу, многу престижна награда. Сигурен сум дека кога ќе се вратам дома моето семејство и сите ќе бидат многу среќни што ја добив.“ 

Приказната со апартхејдот не е завршена – борбата продолжува

Светската критика Сероти го третира како столб за книжевната обнова на гласот на Афроамериканците во Јужна Африка. Преку стиховите тој зборува за проблемот на насилството, смртта, чувството на заедништво на црните луѓе против апартхејдот. Го прашуваме: дали заврши таа приказна во неговата земја и дали уште е присутна во неговата поезија?

„Приказната не е завршена. Морате да се присетите дека апартхејдот во мојата земја се спроведуваше цели 350 години. Од 1994-та, кога го почнавме процесот

Mongani Vali Seroti Dichter Südafrika

Вали Сероти вчеравечер (21.08) во Струга

на демократизација досега – тоа е се‘ уште само почеток. Досега успеавме само да ги смениме сите закони што беа на сила за време на апартхејдот. Допрва треба да најдеме начин да ги спроведеме како што треба, да ги направиме дел од секојдневното наше размислување, од нашата свесност и духовност.Уште не сме го постигнале тоа. Ние се‘ уште треба да бараме начин за помирување меѓу нас црните луѓе, меѓу нас црните и белите. Мораме да го пронајдеме патот за помирување поради длабоките рани од апартхејдот кои се‘ уште постојат помеѓу луѓето. Така што, борбата против апартхејдот продолжува, таа ќе добива различни облици и нивоа и ќе трае уште многу долго“, смета Сероти. 

Со модерниот дух во поезијата Сероти  влијае врз младата генерација африкански поети. Неговото творештво брои петнаесетина збирки поезија, неколку романи и есеи. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Пабло Неруда“. Војната против апартхејдот е војна на зборови, вели Сероти, истовремено одговорајќи на прашањето на ДВ за универзалноста и провокативноста во неговата поезија.

Преку поезијата до универзални пораки

„Ако нешто што не е во ред , што е трауматично и сурово и неправдено се случило – тоа не и‘ се случува само на индивидуата, тоа се случува бидејќи нацијата сама по себе дозволува тоа да се случи. И затоа, кога пишувам, јас секогаш го имам тоа на ум – дека морам да најдам начин не само да зборувам за мојата таковина Јужна Африка, туку да зборувам за светот. Зашто, ако нешто се случило во Јужна Африка, а светот гледал и не се вмешал, тоа значи дека на луѓето низ целиот свет им треба некој вид помирување во нивните умови. Значи, ако се случи инцидент во Македонија на пример, тоа не е  само македонски настан. Сите мора да помислиме што правиме околу тоа. Независно колку сме далеку, на пример, во Јужна Африка, сепак треба да се вмешаме и да испратиме порака до луѓето во Македонија дека ние, како човечки суштества, сочувствуваме со нив. Така, благодарен сум кога ќе слушнам дека поезијата што сум ја напишал луѓето ја сметаат за универзална“, заклучува Сероти.

Со доделување на наградата „Златен венец“ на јужноафриканецот Сероти, СВП уште еднаш ја потврдуваат својата задача – преку различностите да се зачува духовното единство на светот.