1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Молњата Болт светна во Лондон

Тој е човекот кој може да го направи она што ние не можеме – ова се зборовите на Тајсон Геј изговорени пред финалето на 100 метри, а кои се однесуваат на Усеин Болт. Најдобриот американски спринтер е во право.

Историјата на светскиот спринт памети дузина славни имиња, но никој до сега не ја достигнал популарноста и силата со која зрачи 25-годишниот Јамајчанец.

По олимпискиот Пекинг и мундијалскиот Берлин, молњата светна одново во олимпискиот Лондон. Ги заслепи со својата брзина 80-те илјади непиосредни гледачи, сведоци на најбрзата трка во атлетската историја, иако светскиот рекорд не беше соборен.

Сите финалисти, не сметајќи го Асафа Пауел, кој се повреди на средината на трката, истрчаа време под 10 секунди. Болт во Лондон не ја донесе максималната своја подготвеност, но во себе и натаму го носи вонсерискиот квалитет, харизмата и пред се’ победничкиот карактер. Нему не му беше тешко пред четири години во Пекинг да ги магепса Кинезите со својот резултатски дострел и однесување. Необично е што Болт го внесе вирусот на еуфоричност и кај Британците. По Карл Луис, Болт е вториот кој успева да го одбрани златниот олимписки медал и да се крене во историските височини. Резултатот од 9 секунди и 63 стотинки е втор најдобар на сите времиња.

На Болт ова му е четвртиот златен олимписки медал. Тој веќе се фокусира на планот Б – на трките на 200 метри и на штафетните трки. Едно е сигурно – дека Лондон во него го добива првиот човек на Олимпијадата. Ако Американецот Мајкал Фелпс царуваше во Акватик и со вкупно 22 олимписки медали се искачи на врвот на медал-пирамидата, Болт со уште посилен интензитет го тресе олимпискиот ринг. Болт и Фелпс ќе бидат најсилното олимписко обележје, без разлика на деновите кои постојат. Меѓу многуте ѕвезди на Олимпијадата тие блескаат. Нивниот сјај е најсилен.

На огромниот спортски полигон има и многумина спортисти, резултатски маргиналци. Дел од огромната армија на маргиналци се и четворицата македонски претставници, кои ги завршија своите настапи во Лондон. Пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова ги испливаа своите делници со резултати многу послаби од оние со кои беа пријавени. Во таков бавен стил ја заврши трката на 400 метри атлетичарката Христина Ристеска. На спореден спортски колосек најдобро се претстави атлетичарот Кристијан Ефремов со личен рекорд на 400 метри.

Игрите без македонско присуство влегуваат во завршната натпреварувачка недела. Не е искривено. Напротив, ова огледало кое го отсликува квалитетот на македонскиот спорт.

Златко Калински