1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Молчаливите злосторници од Аушвиц

Пред точно 50 години, во една судница во Франкфурт, преживеаните од Аушвиц се соочија со своите џелати. За првпат во Германија се отвори и дебата за злосторствата во Холокаустот

Западна Германија во декември 1963. година. Економијата цвета, луѓето се во предбожикна еуфорија. Војната е завршена 18 години пред тоа, што било- минало, сметаат многумина. Речиси никој не говори за злосторствата за време на нацистичкиот режим кои ги сториле луѓе кои, како и сите други, сега живеат тивко и незабележливо.

Државниот обвинител Фриц Бауер одлучи да ја отвори токму оваа непријатна тема. Овој Германец од еврејско потекло и неговиот тим правници, собраа сведоци од целиот свет и ги убедија да дојдат во Франкфурт за да говорат за она што им го сториле Германците.

Судењето на злосторниците од Аушвиц започна пред 50 години, на 20 декември 1963 година. За тоа е најзаслужен токму Фриц Бауер, смета неговиот биограф Ронен Штајнке. Бауер емигрирал од Германија пред војната и се вратил во 1949 година. Стана познат по судењето на кое ги рехабилитираше учесниците во атентатот врз Хитлер од 20 јули 1944, кога го употреби својот славен аргумент дека нацистичкиот режим не бил „правна држава, туку држава на неправдата“. Процесот кој Бауер го водеше против злосторствата во Холокаустот беше прв и најголем процес од тој вид пред еден германски суд.

Обвинетите ништо не знаеле

Во рамките на процесот исказ дадоа повеќе од 360 сведоци. Од вкупниот број сведоци, 211 биле поранешни затвореници во логорот на смртта. Фриц Бауер сакал Германците да преземат одговорност за своите постапки. „Мораш да речеш Не“, изјави тој во една прилика. Секој човек е должен да се спротивстави на наредба, закон или на претпоставените, за да не стори злосторство против човештвото. При организацијата на судењето, Бауер зел пример од Нирнбершките процеси. Тогаш на обвинителната клупа се нашле луѓе кои го претставувале целиот нацистички систем. Во Франкфуртскиот процес, обвинетите биле така избрани за да го претставуваат системот во логорот. Таа пракса се одржува и денеска, на пример, во работата на Трибуналот во Хаг.

Во Франкфурт на листата на обвинети имало 22 лица. Прв меѓу нив бил Роберт Мулк, некогашниот аѓутант на командантот на логорот, Рудолф Хес. Тој ја претставувал управата на логорот. Покрај него на обвинителната клупа се нашле и лекари, фармацевти и надзорници. Мулка и повеќето од обвинетите одлучуваат да ја отфрлаат вината и да молчат доколку се поставуваат непријатни прашања. Мулка тврдел дека не знае ништо за убиството на стотици илјади луѓе.

Поради таквото нивно однесување, сведокот и некогашниот затвореник Јозеф Глик на едно од рочиштата ќе изјави: „Веќе вториот ден знаев сѐ. И не само јас. Имаше едно момче на 16 години. Се викаше Андреас Рапапорт. Тој ми довикна: 'чичко, знам дека морам да умрам. Кажете и на мојата мајка дека до последен момент мислев на неа. Па ве молам, тоа момче на 16 години знаеше што таму се случува, а овие господа не знаеле“!

Шок за системот

Тоа беше првпат во германската јавност отворено да се зборува за злосторствата на нацистите. Во текот на судењето кое траеше 20 месеци, преку 20 илјади луѓе дојдоа лично да го проследат процесот. Воглавно тоа беа ученици и студенти кои сакаа да дознаат повеќе за времињата за кои постарите молчеа. Фриц Бауер стана симбол, човек кој го потресе системот.

„Процесот во Франкфурт покажа дека одговорноста за злосторствата не може да се префрли само на лидерите на нацистичкото движење, туку дека во нив учествувале и луѓе кои слободно се движеле во општеството. Тоа беше шокантното“, вели Моника Флорес, кустос на изложбата „Пред судот: Аушвиц/Мајданек“. „Најголемиот успех на процесот е што ја отвори таа дискусија. Но од правна страна, казнувањето на злосторниците не успеа“.

Пресудата беше соопштена на 19 август 1965 година. Во случајот „Мулка и останати“, првообвинетиот беше осуден за „соучесништво во заедничко убиство“ и осуден на 14 години затвор. Само шестмина од обвинетите беа осудени за убиство.

Во комплексот Аушвиц служеле околу 7 илјади припадници на СС единиците. Германскиот правосуден систен до денес повика на одговорност само 50 од нив. „Доколку ја следеа правната логика на Бауер, ќе мораа да осудат илјадници луѓе. Според неа, секој кој учествувал во работата на логорот на смртта треба да биде обвинет за убиство“, вели Штајнке. Меѓутоа, таквото гледиште е прифатено од страна на германскиот суд дури во 2009 година, кога му беше судено на Џон Демјанук, поранешен чувар во логорот во Собибор. Денес, речиси 70 години по завршувањето на војната се уште се водат истраги против нацистите, иако голем дел од нив се веќе многу стари, а мнозинството се и починати.
„Денес е предоцна. Но, сепак тоа е важно затоа што убиството не застарува“, вели Моника Флорес.