1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Мозоците се одливаат и од Германија

Германија – земја на доселеници? Бројките на германското Министерство за економија го кажуваат спротивното. Висококвалификуваните Германци се` почесто бараат работа во странство, отколку странците во Германија.

default

Младите професионалци заминуваат од земјата

Најспособните се оние кои најмногу и` го вртат грбот на Германија. Анкетата на Министерството за економија покажува дека 84% од иселениците се дипломирани кадри, кои веќе се успешни во својата област. Тренд што тешко се сопира, за ова е свесен и државниот секретар за економија, Валтер Отремба:


„Од наш аспект, добро е кога младите специјалисти и надежни научници одат во странство. Меѓутоа, наша желба би било најголемиот дел од нив повторно да се вратат дома, откако ќе го соберат потребното искуство“.


Си оди кремот на интелигенцијата


Тие меѓутоа не се враќаат. Токму високо-квалификуваните квадри се оние кои повеќе си одат, отколку што доаѓаат во Германија. Ниту доселениците од обата пола не можат да ја пополнат оваа дупка -  смета Рита Улрих, експерт од Министерството за економија.


„Си заминува кремот на интелигенцијата. А оние кои доаѓаат, без навреда, ги немаат потребните квалификации“.


Привлечни работни места, подобра плата, пониски даноци – ова се причините поради кои најдобрите ја напуштаат својата земја. Научниците често се жалат на лошите примања и можностите за вработување во Германија. Се иселуваат и бистрите умови од областа на математиката, информатиката, природните науки и техниката. Тие сочинуваат 21% од испитаниците во анкетата.


Помали даноци за поголема плата


Според согледувањата на државниот секретар за економија Отремба, се` уште постои надеж да се задржат најдобрите професионалци и да се привлечат назад оние кои веќе заминале.


„Треба да се стремиме кон намалување на даноците и давачките што се одбиваат од месечните примања, кои им се најбитни на овие луѓе. Другите аспекти, како поголема автономија за универзитетите, се во надлежност на секоја покраина поединечно. Сепак, ќе вложиме напори за подобрување на ситуацијата“.


Иселениците се жалат и на бирократијата во земјата. Ги фрустрираат и строгите хиерархиски структури во претпријатијата.


„Во областа на медицината, на пример, постојат многу доктори кои не се задоволни со моменталната структура. Во повеќето други земји го нема хиерархискиот систем на доктори, што се` уште владее во многу клиники во Германија“.


Интелигентните мислат и долгорочно


Според Министерството за економија, причините за иселување не се само краткорочни, како плата или кариера. Оние кои заминуваат размислуваат и подалеку.


„Каде оди Германија? Каков е подолгорочниот демографски тренд? Кои последици ќе ги сносиме подоцна? Каков е односот меѓу платата по договор и хонорарните примања? Многумина, посебно оние интелигентните, многу размислуваат на овие теми и заклучуваат: има земји што се поатрактивни од Германија. Човек мора да размислува на долгорочни патеки“.


Значи, треба уште многу да се работи на полето на политиката, економијата и науката за Германија да стане гнездо за врвните професионалци.