1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Можно ли е сценарио за северно и јужно евро?

Во фондот за помош на финансиски загрозените земји - членки на ЕУ стојат на располагање 750 милијарди евра. Според некои, на пример ММФ, недоволно. Тие бараат и поголема флексибилност. Како на ова гледаат експерти?

default

Кристијан Јаспернајте, аналитичар во банкарската куќа „М.М. Варбург и Ко“ (ем-ем Варбург и компанија) од Хамбург смета дека актулниот капацитет на Фондот на ЕУ за помош на финансиски загрозените земји е доволен:

„Првобитно сумата од 750 милијарди беше повеќе или помалку своеволно определена. Можеше, се разбира, да бидат доставени уште сто или двесте милијарди. Но, факт е и дека од сегашна перспектива, всушност, би требало да се доволни 750 милијарди. Мора да се каже и дека кога фондот за спас било кога би достигнал волумен од илјада или илјада и сто милијарди, пазарите сериозно би морале да се запрашаат дали еден таков товар во екстремен случај би можеле да го понесат и земји како Франција, Германија, Холандија, Австрија. Затоа сметам дека навистина фондот би морал да остане на 750 милијарди евра“.

Северно и јужно евро е речиси незамисливо

EU Eurozone Symbolbild Euro erholt sich

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле смета дека турбуленциите го тестираат еврото - дали европската конструкција за заедничко платежно средство воопшто може да функционира. Дали се монетарната унија и еврото навистина сериозно доведени во опасност? Кристијан Јаспернајте оценува:

„Тоа не можам да си го замислам. Еврото примарно е политички проект, а помалку економски. Но, сега, кога го имаме, речиси е незамисливо дека повторно ќе направиме чекор назад кон распаѓање во различни поединечни валути , можеби дури и на евро за северот и јужно евро. Еврозоната не е идеален валутен простор, но тоа беше познато и порано - а сега ги имаме проблемите“.

Честопати во последниов период се критикува дека постои заедничка валута, а економската и стопанската политика се водат на национално ниво и се бара европска економска влада.

Се заканува ли по Ирска нов кризен бран?

Во тој поглед Кристијан Јаспернајте изразува стравување дека некоја таква влада би била уште понефлексибилна, оти и политичките процеси би биле толку жилави , што веќе едвај би можеле да се донесуваат решенија. Аналитичарот претпоставува дека на национално ниво фактички може да се води поефективна политика.

Берзите, се чини, се особено нервозни. Ирска, Португалија, Шпанија... сега во игра се вметнува и Белгија. Се заканува ли и втор кризен бран?

„Никој не може да гата. Но, во однос на Белгија, би рекол, тоа е надувано од медиумите. Таму не гледаме фундаментални економски проблеми. Задолжувањето, ако се стави во сооднос со домашниот бруто-производ, ни во Шпанија нема достигнато драматични размери и останува дури и под нивото во Германија“, вели Кристијан Јаспернајте, аналитичар од банката „М.М. Варбург и Ко“ (ем-ем Варбург и компанија) од Хамбург.

Автор: Бенјамин Рихтер/ Зоран Јордановски

Редактор: Симе Недевски