1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Можно ли е „прелевање“ на бунтот?

По падот на тунискиот претседател Зине ел Абидин Бен Али се поставува прашањето - дали тоа ќе биде иницијална каписла за низа такви немири во соседните земји? Проблемите во сите нив се слични.

default

Во соседните земји на Тунис не постои опасност од социјални немири

Експертите во јорданското министерство за финансии минатата недела имаа неколкупати ноќни смени, сигурно како реакција на случувањата во Тунис. Но, исто така и се очекуваше Јордан да направи промени во социјалната политика.

Незадоволство поради високите цени во Јордан

Weltwirtschaftsforum Nahost in Jordanien, Königin Rania

Јорданската кралица Ранија

Имено, во Аман имаше помали мирни демонстрации со неколку илјади луѓе, но тоа во Јордан не е невообичаено и тие не беа насилни како во Тунис. Се шири незадоволството поради високите цени на прехранбените производи и другите неопходни суровини, особено по владините економски реформи, под притисок на кралската куќа и западните влади. Тоа значи: помалку државни, повеќе приватни права на одлучување, како и намалување на субвенциите. Како резултат се очекува помала инфлација, но и повисоки цени. Овошјето и зеленчукот минатата година поскапеа за повеќе од 20 проценти. Затоа кралот Абдула и кралицата Ранија неуморно пропагираат социјална рамноправност за својот народ. Се предвидуваат училишта за сите, дури и во регионите оддалечени од главниот град, каде има незадоволство.

Јордан се издвојува од останатите земји од арапскиот свет со образованието. Исто така има здравствен систем на високо ниво, многу од тамошните лекари студираат во странство. Но, многумина тешко можат да си дозволат лекување, оти просечната плата е 400 евра. За намалување на цените и отворање нови работни места, Министерството за финансии нуди помош од 125 милиони евра, а САД, кои во Јордан го гледаат својот најверен сојузник на Блискиот Исток, додатни 75 милиони евра.

Протестот на синдикатите и исламистите е толериран од страна на државата и се одвива во „предвидливи“ граници. Новата влада во Јордан се залага за технократско управување, ги спроведува упатствата од кралот, кој може да ја распушти ако не е задоволен од стореното. Јорданската монархија е стабилна.

Состојбата во Сирија е стабилна

Symbolbild Reformen in Syrien, Assad und Symbol für Wendepunkt

Сирискиот претседател Башар Асад

Соседната земја Сирија презема слични мерки како Јордан, за да спречи социјални немири. За своите 20 милиони жители Дамаск предвидува субвенции, оти и покрај скромниот економски пораст секој четврт Сириец живее во сиромаштија. Полицијата, армијата и тајните служби ја држат ситуацијата под контрола. Сиријците го поддржуваат претпазливото отворање кон Западот на претседателот Асад. Сириската влада смета дека состојбата во Тунис се должи на преблиските врски со Западот.

Ситиот не се бунтува

Во арапските држави во Персискиот залив не постои опасност од немири како во Тунис. Тие имаат доволно нафта и гас за да му понудат удобен живот на својот народ. Работниците, кои работат во мизерни услови, доаѓаат од Југоисточна Азија и немаат право на глас.

Значи, благодарение на медиумската глобализација, арапскиот свет внимателно ги следи случувањата во Тунис и чувствува симпатии за тамошното население. Но, тоа воопшто не значи дека во Аман, Дамаск или Кувајт ќе дојде до такви немири.

Автор: Улрих Лајдхолт / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска