1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Можно ли е обединување на македонската и албанската опозиција?

Лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски и на ВМРО - НП Љупчо Георгиевски ја повикаа албанската опозиција на заедничко дејствување против Груевски и Ахмети. Тактизирањата веќе започнаа.

Измина една седмица откако двата поранешни македонски премиера Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски ја промовираа меѓусебната соработка за локалните избори вгодина, со отворена понуда да им се приклучат и албанските опозициони партии. Црвенковски, како лидер на СДСМ, и Георгиевски, како лидер на ВМРО – Народна партија, барем во јавноста, веќе започнаа да се соочуваат со отфрлања на нивната покана до албанската опозиција за сплотено дејствување против Груевски и Ахмети. Партијата на Руфи Османи, Албанска национална преродба порача дека „не се гледа себеси во заедничката коалиција со СДСМ и ВМРО ДПМНЕ“. Демократската партија на Албанците преку изјавата на својот претседател Мендух Тачи се изјасни дека е „се уште рано да се формира предизборна коалиција со партиите од македонскиот блок“. Меѓутоа, портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ тврди за ДВ дека, „иако не на лидерско ниво, оти, сепак, постојано се контактира со одделни албански опозициони партии“, не прецизирајќи со кои конкретно.

„Заедничка точка – демисионирањето на Груевски и Ахмети’

Едмонд Адеми, извршниот директор на невладиниот Институт „Либерта“ за политички и економски истражувања од Скопје, проценува: „Сега во оваа фаза не е можна некоја предизборна коалиција меѓу двата опозициони блока од двата етникума. Но, оваа влада е лоша и таа ја носи земјата во амбис. Ова е почетната точка околу која би можеле двата опозициони блока да соработуваат. Без разлика, тоа не мора да биде формална коалиција, може да биде и неформално и индиректно коалицирање. Значи, партиите од двата опозициони блока од двата етникума имаат една заедничка оска околу која имаат можност за соработка, а тоа е демисионирањето на Никола Груевски и Али Ахмети.“

Според Лидија Христова, експерт за политички науки од државниот Институт за социолошки и политичко – правни истражувања од Скопје, „можностите за соработка и коалицирање меѓу политичките партии се условени од анимозитетите - омразата и непријателските чувства меѓу политичарите и партиските лидери, од групните или личните интереси, а многу помалку од рационалните политики, засновани врз некои принципи“.

Потоа, таа предупредува и на можните предуслови, кои би ги испоставиле албанските опозициони партии, од кои некои бараат од поодамна уставно преуредување на Македонија како федерација, или како некаква заедница на кантони: „Некои од албанските партии, кои би требало да бидат дел од таа коалиција, имаат порадикални барања во однос на ДУИ, која е во власта. Тие партии бараат ревидирање на некои воспоставени односи во политичка смисла во државата. Тоа би поминало лесно кај албанското бирачко тело, но е многу тешко да се каже колку би било тоа прифатливо за македонскиот електорат. Тука ќе мора да се направи некаков компромис, тие албански партии ќе треба малку ’да ја спуштат топката’. Не знам дали ќе прифатат такво нешто Георгиевски и

Menduh Taci Politiker Mazedonien

Мендух Тачи

Црвенковски, како ќе поминат кај нивното гласачко тело, ако албанските опозициони партии останат со толку висок ’праг на барања’.“

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од невладиниот сектор од Гостивар се надоврзува: „Прашањата кои се од интерес за Албанците, според ниедна албанска партија, парламентарна, вонпарламентарна, опозициска, или владејачка, се уште не се целосно решени и би биле дел од преговорите, кои би ги воделе било владејачката, било опозициските партии, за евентуално коалицирање. Бидејќи зборуваме за локалните избори, и ’фактурата’, која евентуално би ја испорачале двете страни, сигурно би била помала. Ако опозициските партии проценат дека би било од нивна корист да се одржат и предвремени парламентарни избори, со согласност од владејачката гарнитура, тогаш веќе ќе можеме да зборуваме за ’подебелите фактури’, кои евентуално би се испорачале, за да се влезе во предвремена парламентарна предизборна соработка и коалицирање.“

„Редефинирањето на уставниот поредок – илузија на партиите“

ДВ праша и некои од граѓаните на Тетово што мислат во врска со можното формирање предизборна коалиција на Црвенковски и Георгиевски со албанската опозиција?

–  „Сите можности се отворени, таква опција постои.“

–„Треба, јас сум Албанец, но, се согласувам со политиката на Црвенковски и го поддржувам, ако направи такво нешто. Не ми се допаѓа политиката на Груевски, премногу е националистичка.“

– „Заедничките муабети се знаат: од Охридскиот договор наваму. Тие точки мора да се реализираат.“

– „Редефинирање на нашиот уставен поредок, на земјата, во некакви други контексти, е само илузија на некои од партиите. Не мислам дека СДСМ оди на тоа да прифати политичко редефинирање на Македонија.“

– „Јас не се согласувам со политиката на Ахмети и Груевски: како што ја тера Груевски политиката, или ќе ја снема Македонија, или ќе биде нешто.“

Во изминативе два дена се обидовме да добиеме ставови и од Албанската национална преродба и Демократската партија на Албанците, но без успех.

Wahlen in Mazedonien

Бранко Црвенковски

Портпаролот на владината Демократска унија за интеграција Бујар Османи за ДВ посочува: „СДСМ води непринципиелна политика преку ДУИ во неговата борба да ја дестабилизира Владата. Тоа нема да биде можно. Албанските партии што ќе бидат дел од таквите предизборни коалицирања, ако дојде до нив, ќе треба да им објаснат на граѓаните зошто го правеле тоа.“

Останува да се види што ќе донесат следните десет месеци, дали можеби радикалните барања во вид на предуслови на дел од албанската опозиција во оваа земја ќе бидат прифатени во некоја „помека варијанта“ од Црвенковски и Георгиевски при евентуалното создавање заедничка меѓуетничка политичка опозиција.