1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Можно е мало одложување на разговорите за планот на Ахтисари

Хавиер Солана: преместување на разговорите за неколку денови подоцна не би била “енормна промена”. И Џефри Хун очекува флексибилност од Ахтисари

Хавиер Солана

Хавиер Солана

Европската Тројка, предводена од претседавачот со Советот на Унијата, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, во Белград прво разговора со српскиот министер за надворешни работи Вук Драшковиќ, а потоа се предвидени и средби со премиерот Воислав Коштуница и на крајот со претседателот на Србија Борис Тадиќ. Еден од членовите на Тројката, претставникот за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата Хавиер Солана, претпладнето беше во Приштина.

Солана искажа надеж дека Србија “конструктивно” ќе се однесува по прашањето за иднината на Косово. Српската влада се’ уште формално не побарала одложување на разговорите со Марти Ахтисари, пратеник на ОН за решавањето на статусот на досегашната српска покраина, во Виена на 13-ти февруари, рече Солана на пат од Приштина кон Белград. Заедно со Штајнмаер и со еврокомесарот за проширување Оли Рен, тој сакал да слушне што има да каже српското раководство. Солана не исклучува мало временско одолговлекување на планираните разговори. “Важно е Белград да реагира позитивно, конструктивно и во соодветен рок”, рече тој.

Србија вчера одби натамошни преговори за идниот статус на Косово се’ додека не се конституира новиот парламент и побара одложување за десетина денови. “Се чини дека тоа уште не е можно, оти мора да се повтори гласањето на две-три избирачки места. Но, ако некому му е тоа важно, не би требало да трае подолго од една недела” – вели Солана. Според него, одлагање на разговорите во Виена до 15-ти февруари или уште неколку дена подолго “не е енормна промена”, но Србија мора сериозно да се ангажира и не смее предолго да го одлага продолжението.

Во Приштина Солана побара: “Во овој момент од косовските институции и од косовскиот народ се очекува да бидат на ниво на одговорноста, одговорност што треба да биде покажана во неколку насоки”.

Британскиот министер за европски прашања Џефри Хун, кој денеска престојува во Белград, исто така искажа надеж дека Ахтисари ќе покаже флексибилност за одложување на преговорите до свикување на новото српско Собрание. Хун, кој ќе разговара и со премиерот Коштуница и претседателот Тадиќ, по средбата со Вук Драшковиќ рече дека планот на Ахтисари треба внимателно да се разгледа и ја искажа британската желба Србија да напредува кон ЕУ.

Драшковиќ, пак, предупреди дека независност на Косово би предизвикала незадоволство и понижување на Србија, што би можело да го загрози постоечкиот евроентузијазам. “Ако документот на Ахтисари биде засилен со амандман дека не се менуваат постоечките, меѓународно признати граници на Србија, мислам дека би биле на прагот на голем историски компромис и на помирување на Србите и Албанците”, рече Драшковиќ.