1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Можна ли е „германска коалиција“ во Македонија?

Дали коалицијата СПД-ЦДУ може да се преслика и во Македонија? Теоретски, според аналитичарите да, но во пракса речиси невозможно да се случи!

Падна договор за владина коалиција ВМРО ДПМНЕ-СДСМ! Оваа вест во македонската јавност сигурно би одекнала како вистинска „бомба“, нормално доколку се случи. Случувањата во Германија на пример, каде функционира влада составена од лутите политички ривали, демохристијаните и социјалдемократите, и тоа не по прв пат, ја отвора дилемата дали е тоа можно и во Македонија? Постојат ли реални шанси за такво нешто, има ли политичка волја, дали се созреани условите? Ваквото сценарио според аналитичарите теоретски е можно, но во пракса многу тешко да се реализира, пред се‘ поради политичките констелации во земјата. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски гледа многу мали шанси за такво нешто поради како што вели неколку причини:

„Прво, партиите се премногу закрвени и во основа се‘ би направиле такво нешто да не се случи, второ, нема зорт-се‘ додека било која партија сама или само со еден албански партнер може да состави влада, нема зошто да коалицира со друга македонска партија, зашто цената на македонско-албанска коалиција е пониска и трето, премногу се силни политичките тензии во моментов за без некаква сериозна политичка криза да се надеваме на широка коалиција“, коментира Арсовски.

Политичката сцена е главно биполарна

Со сличен став е и аналитичарот Владимир Божиновски. Според него, за такво нешто нема каква било причина, бидејќи политичката сцена во Македонија е генерално биполарна:

„Во Германија на пример политичките партии склучуваат коалиција затоа што мораат. Ако ЦДУ или СПД имаат мнозинство нема да направат коалиција. Кај нас едноставно, со оглед дека е традиционално да се коалицира со партиите на етничките Албанци, автоматски онаа партија која е подобра, во коалиција со една од партиите на Албанците има мнозинство. Во спротивно би се поставило прашањето дали ни требаат избори, за каква демократија би зборувале доколку ВМРО ДПМНЕ и СДСМ направат коалиција? Кој би бил од другата страна тогаш, ќе се изгуби смислата на демократијата и на изборите. Бидејќи кај нас моментално, посебно во последнава деценија, политичката сцена е биполарна, односно имаме две доминантни партии. Така што доколку тие коалицираат, на другата страна нема да остане никој“, коментира Божиновски.

Голема коалиција - во исклучителни случаи

Теоретски, според двајцата, владина коалиција од ваков тип може да се случи во исклучителни ситуации. Според Арсовски, оваа можност не може да се исклучи за претстојните претседателски избори:

Parteivorsitzende SDSM, DUI, DPA, VMRO DPMNE in Mazedonien

Партиските лидери, архива

„Таму ДУИ промовира концепт на консензуален кандидат, кој притоа не може да биде Ѓорѓе Иванов. Ако ВМРО тој концепт го прифати, мора да бара нов кандидат, но ако не сака да зависи од ДУИ за цензус, може да се обиде да најде некаков претседателски кандидат кој би бил прифатлив за сите македонски партии. Таков обид со Срѓан Керим впрочем имаше и на претходните претседателски избори. Значи, варијанта за широка коалиција постои само под притисок, ако без неа не се може (или безбедносна криза, или ако партиите физички не можат сами да направат влада, или ако физички не можат да обезбедат цензус за избор на претседател), никако од политичка волја“, смета Арсовски.

Ваквата опција според Божиновски е можно да се разгледува единствено во процесот на решавање на спорот за името, но и тука има резерва, со оглед на политичкиот консензус дека конечниот став околу ова прашање ќе го имаат граѓаните на референдум:

„И во тој случај, партијата што ќе биде на власт ќе се консултира и со опозицијата, бидејќи тоа ќе мора да му биде претставено на народот како некој предлог. А потоа тоа зависи од народот дали ќе го прифати или не. Не можеме да говориме пак тука зошто би се направило голема коалиција кога народот ќе одлучи за тоа. Тоа е единственото прашање за кое би можело да се размислува во таа насока, но со самиот референдум, кој што е извесен доколку нешто се договори некогаш, едноставно се губи поентата. Во друга ситуација нема потенцијал. Во Грција ПАСОК и Неа Демократиа направија коалиција кога се појави трета голема моќна партија. Во Македонија за да коалицираат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ треба да се појави трета моќна партија што ќе држи баланс, што го немаме и мислам дека во догледно време нема да се случи“, коментира Божиновски.

Прашањето за формирање голема владина коалиција досега неколкупати се актуелизирало во Македонија, главно од помалите политички партии, но се завршувало само на иницијатива. Единствен случај кога ВМРО ДПМНЕ и СДСМ ги делеа министерските фотелји беше во конфликтната 2001, кога под вонредни околности се формира таканаречената влада за национален спас, која ја сочинуваа сите парламентарни партии. Коалицијата беше формирана на 13. мај и издржа до 20. ноември, кога министрите од СДСМ беа разрешени од функциите.