1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Можна итервенција во Сирија како во Косово?

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров му пренесе на американскиот државен секретар Џон Кери дека Москва ги отфрла тврдењата на Вашингтон дека сирискиот режим стои зад нападите со хемиско оружје во Дамаск.

Телефонскиот разговор меѓу двајцата министри се случил вчера (27.08.2013). Лавров му пренел на Кери и дека алармот вклучен од Москва бил поради потценувањето на дипломатските можности за ставање крај на кризата и зголемените очекувања западните земји воено да интервенираат против режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.

NATO Außenminister Treffen 23.04.2013

Секој со свои аргументи - Кери (лево) и Лавров (десно)

Џон Кери изнел аргументи, кои според него се засновани на информации од сигурни извори, а од кои произлегувало дека сириската влада е онаа која треба да се обвини за инцидентите со веројатна употреба на хемиско оружје, информираше руското министерство за надворешни работи. Лавров ги отфрлил аргументите на американскиот колега.

Освен со Кери, Лавров против воена акција во Сирија и за дипломатко решение телефонски зборувал и со Лакдар Брахими, специјалниот пратеник на ОН и Арапската лига за Сирија. Според рускиот министер, со воената интервенција ќе се дестабилизира регионот на Блискиот Исток.

Можно барање за инволвирање на НАТО?

Во меѓувреме, САД и нивните партнери се обидуваат да најдат начин за легитимирање на воената акција во Сирија, и покрај поделениот Совет за безбедност на ОН. САД, Велика Британија и Франција јасно ставија на знаење дека сирискиот претседател стои зад нападите со хемиско оружје и дека таквата постапка бара меѓународен одговор.

За тоа е потребно одобрување во Советот за безбедност, каде Русија и Кина постојано го користат правото на вето за да спречат остар одговор на две и пол годичниот конфликт во Сирија. Затоа, коалицијата предводена од САД сака да ја добие поддршката во меѓународни организации кои се надвор од ОН.

Едно од решенијата може да биде убедувањето на НАТО да се вклучи, па дури и да ја предводи воената акција. Такво нешто се случи во времето на администрацијата на Клинтон, која успеа да добие легитимна рамка на војната во Косово на крајот од 90-те години, и покрај тоа што Русија силно се противеше на ваквата акција во Советот за безбедност, објаснува Кен Полак, експерт за Блискиот Исток во Институтот Брукингс.

Symbolbild Treffen zwischen UN-Sicherheitsrat und Syrischer Opposition

Се бара ли решение за заобиколување на Советот за безбедност на ОН?

„Многу е познато дека војната во Косово не беше легална. Но, сега нема луѓе што наоколу викаат дека косовската војна не беше легална. А, тоа е така затоа што САД завршија добра работа во создавањето случај за неа“, вели експертот.

За согласност во Советот за безбедност се залага и Италија. Италијанската министерка за надворешни работи Ема Бонино веќе истакна дека нападот со хемиско оружје е „воено злосторство“, но и оти италијанската влада нема да поддржи воени дејствија без мандат на Советот за безбедност и нема активно да учествува во нив. Таа не посочи каков е ставот на италијанската влада за користењето на италијанските бази при евентуалната интервенција врз Сирија. Италијанскиот премиер Енрико Лета во вчерашниот телефонски разговор со британскиот премиер Дејвид Камерон се согласил дека употребата на хемиско оружје во Сирија ја променило ситуацијата и оти тоа е недозволиво злосторство, што не може да биде толерирано од меѓународната заедница.

Белата куќа подготвува извештај

Белета куќа до крајот на оваа недела ќе достави официјален извештај до американското разузнавање за минатонеделниот хемиски напад во Сирија, изјави портпаролот на Белата куќа Џеј Карни. Тој повтори дека претседателот на САД Барак Обама се’ уште не донел одлука за реакцијата на Вашингтон на нападот врз цивили од страна на сирискиот режим. Сепак, портпаролот нагласи дека „смената на сириското раководство треба да биде со политички преговори“. Тој наведе дека Белата куќа подготвува и правна аргументација за преземање на воена операција против Сирија.

„Обама го разгледува проблемот со други држави и со ОН. Обама во последните денови телефонски разговараше со лидерите на Велика Британија, Франција, Канада и Авсстралија“, истакна Карни.