1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Може ли јапонската влада да ја реши кризата во Фукушима?

Јапонските власти се обидоа со низа мерки да го запрат истекувањето на илјадници тони радиоактивна вода од уништената нуклеарна централа Фукушима. Меѓутоа, критичарите велат дека тоа не е доволно и оти е предоцна.

Јапонската влада најави дека ќе инвестира 473 милиони долари за да се затвори дупката и да се исчисти радиоактивната вода која е користена за ладење на четирите реактори кои се оштетени во март 2011-та година од земјотресот и катастрофалното цунами. Истовремено, премиерот Шинзо Абе призна дека досега не биле доволни напорите на токиската компанија која произведува струја (ТЕПКО).

„Наместо случајните акции кои се преземени во минатото, сега се здружуваме за да дојдеме до суштинско решение за проблемот со загадената вода“, им кажа Абе на членовите на Штабот за итно нуклеарно решение во Токио.

„Светот внимателно следи дали ќе дојде до исклучување на електраната Даи Ичи во Фокушима, како и дали ќе најдеме решение за загадената вода“, изјави тој.

Според проценките на јапонските власти, 300 тона радиоактивна вода секој ден истекува во Тихиот океан. Згора на тоа, ТЕПКО признава дека 300 тони токсична вода истекле од околу 1.000 резервоари пред да е забележано истекувањето.

Досегашните напори немаат ефект

Неодамна вредностите на радиација во фабриката се зголемија за 20 проценти во однос на највисокото ниво кое е досега измерено, објави Управата за нуклеарна регулација. Читањата кои се извршени поблиску до резервоарите од кои истекува загадената вода, го достигнаа својот врв со 2.200 милисиверти, ниво кое би било смртоносно за луѓето во рок од само неколку часа.

Клучниот елемент во планот на владата за запирање на излевањето на водата вклучува дупчење дупки речиси 30 метри во земјата околу реакторот и впумпување на смрзната вода со температура од минус 40 степени. Тој ѕид заледена земјина кора би требало да спречи конаминираната вода повеќе да не дојде во контакт со подземните води и на тој начин да заврши во Тихиот океан.

Во нуклеарнта централа ќе бидат употребени и нови системи на пречистување на водата за да се реши проблемот со илјада тони радиоактивна вода која тука се собира од катастрофата. Досега ништо не е преземено во таков обем, така што постои загриженост дека стратегијата нема да функционира.

„Едноставно, не знам дали тоа ќе функционира, но мислам дека владата има значаен удел во безбедносната ситуција во Фокушима“, вели Јун Окумура, политики аналитичар од групата Евроазија.

„Изгледа дека ТЕПКО не е во состојба да ја контролира ситуацијата во нуклеарката, исто како што не беше во состојба да ја увери јапонската јавност дека ги држи работите под контрола“, додава тој.

Неуспех

Со оглед на таквиот развој на случувањата, нуклеарните експерти тврдат дека владата требала да стори нешто многу порано.

„Ова се случи пред 30 месеци и ТЕПКО ја уверуваше владата дека можат да ја решат работата. Можеби беа многу големи оптимисти или едноставно не ги сфатија размерите на проблемот“, вели професорот Том Снич од Универзитетот во Мериленд. „За жал, владата им поверува“.

Меѓународната нуклеарна заедница предложи повеќе решенија кои би можеле да и’ помогнат на Фукушима, вели Снич, но досега таа била исклучена од примената на плановите.

„Постојат решенија за проблемите во Фукушима, но тие се технички. Проблемот е во тоа што Токио не може да донесе политичка одлука и да почне со применување на тие решенија“, додава Снич.

Според тврдењата на научниците, Јапонците се изјасниле дека американските компании немаат соодветна технологија да ја запрат работата на нуклеарката, бидејќи работеле во американски атомски централи, во кои се произведува оружје.

Меѓутоа, Снич не се согласува со тоа, тој смета дека тоа е лажен изговор и дека Јапонците се обидуваат да ги држат американските и британските компании подалеку од расчистувањето. „Нуклеарната физика е секогаш иста, без разлика на конечната употреба“, нагласува Снич.

„Нереални надежи“

Нуклеарните експерти веруваат дека Токио нема друг избор, освен да донесе некои тешки одлуки и да ја информира јапонската јавност и остатокот од светот за тоа што треба да се стори. Снич вели дека владата треба да ги предупреди рибарите дека загадената вода ќе биде пуштена во океанот. Таа исто така мора да му каже на населението од некои градови, во зона од 20 километри околу централата, дека никогаш повеќе нема да се вратат во своите домови.

„На тие луѓе им се давани нереални надежи цели 30 месеци дека работите ќе бидат вратени по старо, онака како што било на 10 март 2011 година. Тоа е едноставно неточно и нема да се случи“, вели професорот Снич.

Освен тоа, стручњаците нагласуваат дека треба да се донесат одлуки околу тоа каде ќе се складираат 1.533 потрошени прачки гориво и магацини полни со заштитни одела, ракавици, респиратори и друга опрема која е загадена со радијација, истакнува Снич.