1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Може ли Обама да се потпре на Европа?

Обременет со длабоки домашни проблеми, Барак Обама би сакал да префрли многу меѓународни прашања во неговиот втор мандат на ЕУ. Проблемот е што никој не знае дали Европа е на ниво на задачата.

Дали ЕУ сака и е способна да го зачува моменталниот либерален европски поредок во време кога Русија му го заврте грбот на Западот, Турција загуби надеж за приклучување во ЕУ, а европската периферија останува во пепел?

Дали ЕУ ќе и’ биде сигурен партнер на Америка во светот во моменти кога Вашингтон има недостиг од ресурси и има апетит да биде глобален полицаец, додека светот се наоѓа во постојани превирања?

Ова се веројатно двете суштински прашања кои ќе ја дефинираат европската агенда на претседателот Барак Обама за време на неговиот втор мандат.

Нација која гледа навнатре

Финансиската криза направи Америка да ги почувствува границите на својата глобална моќ. Барак Обама подобро од неговите претходници и од неговите критичари го разбира степенот на ограниченост на американската улога во светот, која зависи од огромниот јавен долг и од фрустрирачкото искуство на земјата во справувањето со постојните ангажмани во Ирак и Авганистан.

Кризата ги натера Американците да погледнат поблизу на нивната земја, а тоа што го видоа не беше инспиративно. Главниот протагонист во популарната телевизиска драма Њусрум го доловува ова ново расположение, во кое има горчина и фрустрации, со тоа што потсетува на реалноста додека Америка зборува за себе како за најголема нација на светот.

Ivan Krastev, Centre for Liberal Strategies

Иван Крастев

„Ние сме седми во писменост, 27-ми во математика, 22-ри во наука, 49-ти во животно искуство, 178-ми според смртност кај доенчиња, трети според средниот приход во домаќинствата, четврти според работната сила, како и според извозот. Ние водиме во светот во само три категории: број на затворени граѓани по глава на жител, бројот на возрасни кои веруваат дека ангелите се реални и трошоците во одбраната, каде трошиме повеќе од сите следни 26 земји заедно“, вели тој.

Затоа, нема да биде изненадување што претседателските напори ќе бидат фокусирани на реформите во Америка, а не на трансформирање на светот.

Потребен е цврст партнер

За да купи време за американскиот проект за обнова, Обама мора да знае колку ефективна може да биде ЕУ како регионална сила и колку амбициозна ќе биде ЕУ како глобална сила.

Сега е очигледно дека САД немаат ресурси да продолжат со својата посветеност во места како Балканот или Украина, па Вашингтон сака сите проблеми поврзани со Европа да му ги остави на Брисел. Но, може ли Обама проблемите во Европа да и’ ги препушти на Унија која минува низ најопасната криза во нејзиното постоење? Многумина во Вашингтон се скептични, но претседателот нема голем избор.

Демне опасноста за излез на Британија од ЕУ

Кога станува збор за светот надвор од Европа, стравувањата на Обама се дури и поголеми. Ако еврокризата и можното распаѓање на ЕУ беше главна грижа за Белата куќа во 2012-та година, на почетокот од вториот мандат претседателскиот ум го окупира Велика Британија, а не Грција.

Не е тешко да се предвиди дека ЕУ без Британија ќе стане дури и попровинцијална и повеќе насочена кон внатре. Така намалувањето на британското влијание во ЕУ може само да значи дека ќе има повеќе проблеми за Вашингтон. Тоа го покренува логичното прашање – дали САД се доволно влијателни за да ја задржат Велика Британија во ЕУ? Кога станува збор за големи идеи во билатералните односи меѓу САД и ЕУ веднаш се забележува дека тие се често отсутни.

Нема голема стратегија

Перспективата на трансатлантската област за слободна трговија е само голема идеја која останува во портфолиото. Таа во принцип е атрактивна, но ќе стане ноќна мора ако дојде до повторни преговори на регулативата на режимите.

Значи, што можат Европејците и ЕУ да очекуваат од вториот мандат на Барак Обама? Стравувам дека не многу. Претседателот Обама нема голема стратегија за ЕУ. Она што тој го има се стравови и надежи. Ќе има баланс меѓу стравувањата и надежите, што ќе ги определи неговите политики за време на неговиот втор мандат.

Авторот на анализата Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија, постојан член на Институтот за хуманистички науки во Виена и член на основачкиот борд на Европскиот совет за надворешни работи. Неговата последна книга „Во недоверба ние веруваме“ е издадена од ТЕД на почетокот од месецов.