1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Може ли Македонија да се редефинира како бинационална држава?

„Албанската национална преродба“ и нејзиниот лидер Руфи Османи на конгресот во Тетово повторно отвориja политички прашања кои експертите категорично ги отфрлаат, но и на оценки дека тоа треба да побуди внимание.

default

„Измени во Уставот и уставно-правно редефинирање на Македонија како бинационална, албанско-македонска држава“ – ова е првата порака од споменатиот конгрес, одржан изминатиов викенд. Османи појаснува за ДВ:

„Денес Албанците се незадоволни од својот политички и правен статус, како што беа пред 2001 и во 1991 година. Созреани се условите за мировен договор меѓу македонскиот и албанскиот народ, заради редефинирање на Македонија како нивна држава, со заемна одговорност и со еднакви шанси за развој на колективно и индивидуално ниво“.

„Уставно-правното редефинирање – идеја без врска со реалноста“

Мирјана Малеска, експерт за политички науки од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје смета:

Mazedonien Tetovo Multiethnische Gemeinschaft

Експертката Мирјана Малевска смета дека идеите на Османи немаат врска со реалноста

„Таквата идеја е без врска со реалноста. Тоа е лицитирање со национализмот, или со некои малку поекстремни гледања, за да се придобијат гласачите. Секоја промена на Уставот, особено на оние негови членови кои се однесуваат на преуредување на државата, бара двотретинско мнозинство во парламентот, плус ако се работи за прашања што ги засегаат интересите на етничките заедници и мнозинство од малцинствата во законодавниот дом. Дали Руфи Османи пресметал - може ли да се постигне такво мнозинство во парламентот? Во овој момент тоа не е можно, најмалку од правна гледна точка, туку од политички аспект“.

Осман Кадриу, експерт за уставно-политички систем од ФОН универзитетот во Скопје, смета: „Во однос на Охридскиот договор уште отсега се поставуваат некои прашања дали се опфатени сите оние прашања, кои се однесуваат на националното битие на Албанците. Меѓу тие прашања се’ и таквите дека значителен дел од одредбите и согледувањата на Рамковниот договор се’ уште не се реализирани во практиката. Заслужува внимание потребата за измена и дополнување на уставот.“

„Владејачкиот македонски фактор да размисли каде го води бродот Република Македонија“

Али Пајазити, професор по социологија на мултикултурализмот од Штуловиот универзитет во Тетово, вели: „Дискурсот на Руфи Османи е за притисок кон владејачкиот македонски фактор да размисли добро каде го води бродот наречен ’Република Македонија’. Размислувањата за нов концепт, дали тоа ќе биде бинационална, федерална држава, или нешто трето, ги оценувам од аспект на креативно размислување во врска со иднината на сите граѓани“.

Rufi Osmani - Bürgermeister von Gostivar

Измени во Уставот и уставно-правно редефинирање на Македонија како бинационална, албанско-македонска држава, бара Руфи Османи

На споменатиот конгрес Руфи Османи го искажа и следново барање: „Македонија е зрела и да има влада на една широка коалиција со цел да се реализира консензус за спорот околу името со Грција и техничка влада, која ќе создаде нормални услови за фер и демократски предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори“.

Ненад Марковиќ, универзитетски професор и доктор по политички науки од Скопје, реплицира: „Ваквиот предлог е неостварлив. Легитимитетот што го ужива оваа влада и кај Македонците и кај Албанците не може да биде доведен под прашање, а посебно не легалитетот. Тие во овој момент немаат причина да формираат било каква техничка влада, ’влада на национален спас’ и слично. Консензус за името, или за фер избори, може да оди преку собранието на РМ“.

На маргините на нивниот партиски собир Дојче веле го праша лидерот на „Албанската национална преродба“: каков е неговиот став околу неодамнешната изјава на албанскиот премиер Сали Бериша дека „сите Албанци треба постојано, секој момент да работат на своето обединување во една држава“, но и во врска со пораката на американскиот амбасадор, изнесена неодамна во Тирана, дека официјален Вашингтон е против каква било промена на границите на Балканот?

Тој нагласува: „Бериша апелираше за обединување на Албанците во рамки на обединета Европа и само таквиот повик во рамки на интеграционите процеси е прифатлив и за Албанците и за другите народи на Балканот, вклучувајќи го и македонскиот народ во Македонија. Во процесот на интегрирање на сите заедници, народи и држави може да се реализира таа цел само преку интегрирање во НАТО и во ЕУ. ’Албанската национална преродба’ се залага за обединување на албанскиот народ во состав на обединета Европа, во која ќе бидат обединети сите народи, а и на Балканот“.

Останува да се види во претстојниов период дали и какви реагирања во политичкиот живот ќе уследат по конгресот на партијата на Руфи Османи.