1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Може ли казнената политика да го крпи буџетот?

Заострувањето на казнената политика во Македонија од година во година, всушност покажува дека таа не дава резултати, велат стопанствениците.

Приходите од глоби, судски и административни такси што се планираат во буџетот за 2014 година се поголеми од оние за годинава - од 29 „пораснале“ на 38 милиони евра. Дали казнената политика може да го крепи или крпи буџетот?

Казнената политика во никој случај не може да го крепи буџетот, велат од Стопанската Комора на Македонија (СКМ).

„За бизнис заедницата тоа е само начин на отстранување на нелојалната конкуренција на оние кои не го почитуваат законското работење. СКМ во рамките на регулаторната гиљотина, побара и доби инспекторските служби да применуваат прво воспитна улога, односно да нема казнување при првото воочување на одредени пропусти во работењето. Сепак, се‘ уште постои можност кај одредени закони да се преиспита висината на казните. Во овој контекст, СКМ ја почитува определбата во предлог - закон за прекршоците, кој е во фаза на носење, да се внесат новини со цел позитивно делување врз сторителите на прекршоци, како и заради успешно и неселективно спроведување на прекршочната постапка, било пред прекршочните органи или пред судовите. Но, не може да ја прифати определбата на скоро изедначениот третман на прекршочната со кривичната казна. СКМ бара соодветни казни за прекршоци, со фиксни износи на глоби кои нема да бидат поврзани со приходите на компаниите, како и да се направи подетално уредување на тоа кој може да ги изрече глобите за правните лица, без можност за различно толкување од страна на имплементаторите на овој закон“, потенцираат од СКМ.

Стопанствениците демотивирани

Стопанствениците подолго време бараат разлабавување на казнената политика и нивно приспособување на големината на фирмите, односно малите и големите компании да не плаќаат исти казни, бидејќи немаат ист обрт на средства. Тие не сакаат јавно да зборуваат на оваа тема, поради „чувствителноста на Владата“, но потсетуваат дека заострувањето на казнената политика од година во година всушност покажува дека не дава резултати.

„Ако една година растат приливите во буџетот од казни и во наредната година растат со уште поголема сума, тоа значи дека казнената политика немала ефект“, велат тие.

Според експерти, оваа казнена политика нема за цел да го полни буџетот, туку да ги дисциплинира економските субјекти. Тие велат дека не треба да се проектираат приходи од казни. Таа ставка треба да биде – нула. Ако се проектираат, им создаваат обврска на надлежните служби дека мора да најдат грешки и да изречат казни во висина на проектираната сума. Во, спротивно ќе излезе дека не си ја завршиле работата. Така се создава една атмосфера на задолжително казнување, ситуација дека ако дојдат инспектори во одредена фирма, не смее да заминат без да „најдат нешто“ за да изречат казна. Макар и дека налепниците за „забрането пушење“ не се со соодветна димензија.

Аналитичарите велат дека не треба да се зголемуваат ни административните такси, бидејќи Владата постојано ја промовира и рекламира олеснетата даночна и административна политика.

Symbolbild Stress am Arbeitsplatz

Главоболки за стопанствениците

Се поттикнува сива економија

Забелешки за ваквиот тренд има и Стопанската комора на северозападна Mакедонија, која секогаш била за почитување на законската регулатива, вели извршниот директор Арбен Халили.

„Но, за жал со последните владини проекции се гледа дека се‘ повеќе внимание се посветува на буџетската ставка на планирани зголемени приходи од казни. Тоа, дефинитивно ќе значи демотивација на бизнис заедницата, посебно кога се работи за однапред планирани приходи од казни. Со други зборови, тоа може да се сфати како причина за зголемување на неформални економски активности, односно како катализатор за сивата економија. Затоа сметаме дека предвремено планирање на вакви приходи е штетно. Ако веќе има такви приходи, бараме да бидат наменети за едуцирање на тие што го кршеле законот, а не да бидат искористени за трети цели“, вели Халили.

Опасноста од контра-ефект на казнената политика и од зголемување на сивата економијата, веќе се покажува на терен. Од Управата за јавни приходи објавија дека при контролите извршени во септември утврдиле нереални финансиски показатели кај 65 отсто од контролираните деловни објекти.

Од Стопанската комора на Македонија, нагласуваат дека е битно и како е проектирана расходната страна на буџетот.

„Во предлог буџетот за 2014 година, предвидени се 20% пораст на капиталните инвестиции. Тековните расходи се 86%, а капиталните инвестиции 17%. Оттука, предложената структура на буџетот, според анализите на СКМ, може да го поддржи стопанскиот раст на домашната економија во услови на неколкугодишна криза. Во поглед на структурата на буџетот, таа не се менува за една година. За да се смени соодносот на расходната страна, потребни се повеќе години и структурни промени. Со зголемување на извозот, на производството и на вработувањето ќе се зголемуваат приходите во државната каса, а од друга страна ќе се намалуваат средствата потребни за социјални трансфери“, велат од СКМ.

За оптимизам не се предвидени казни.