1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Може ли да се спречи криминал со друг криминал?

Германската покраина Северна Рајна Вестфалија повторно купи ЦД со имиња и податоци на Германци кои ги криеле своите пари во Швајцарија. И повторно се отвори жестока полемика, затоа што податоците се фактички украдени.

Списоците на германски граѓани кои во некоја странска банка ги чуваат своите пари за да избегнат плаќање данок во татковината, често во земјата предизвикуваат и политички конфликти. Овојпат покраината Северна Рајна Вестфалија од непознато лице купи ЦД со податоци за германски државјани кои своите пари ги чуваат во швајцарската филијала на Ројал Банк оф Скотланд.

Wolfgang Schäuble und Eveline Widmer-Schlumpf

Швајцарија и Германија се договорија за паушално и анонимно оданочување на Германците кои поседуваат сметки во швајцарските банки

Според информациите, на него се наоѓаат имињата на околу илјада богати Германци. Покраинската даночна служба дебело го платила ЦД-то: се споменува бројка од 3,5 милиони евра за податоците. Швајцарија и овојпат е изненадена поради тоа што германските даночни служби купуваат списоци кои се украдени од нивна банка. Но, овојпат проблемот не е само во тоа што информациите се украдени, туку и во тоа што Швајцарија и Германија во меѓувреме се договорија за паушално и анонимно оданочување на Германците кои поседуваат сметки во швајцарските банки. За возврат, Германија се откажа од купувањето украдени податоци. Швајцарците велат дека Германија го прекршила договорот, додека покраинските власти се правдаат дека договорот се‘ уште не е ратификуван во германскиот парламент.

Дилемата дали германските служби треба да купуваат украдени податоци од непознати лица, и тоа за огромни милионски суми, само делумно ја разреши германскиот Уставен суд во 2010. година. Судот тогаш утврди дека и на тој начин добиените податоци можат да се користат во кривична постапка.

Symbolbild Steuerhinterziehung

Секогаш кога ќе се открие некоја листа, има лавина затајувачи на данок кои самите се пријавуваат за да избегнат поголеми казни

Германската јавност веќе одамна утврди дека парите кои им се исплаќаат на анонимните продавачи за кражбата на информациите, многу брзо и‘ се враќаат на државата. Според проценките на експертите, благодарение на тие податоци, само до крајот на 2010. година во државната каса се влеале дополнителни 1,8 милијарди евра дополнителни приходи од данок.

Во суштина, властите отвораат постапка против само мал дел од оние кои затајуваат данок во Швајцарија, но секогаш кога ќе се открие некоја листа, се јавува вистинско стампедо на затајувачи на данок кои самите се пријавуваат за да избегнат поголеми казни. Бидејќи затајувачите не знаат дали и нивното име се наоѓа на листите, ниту пак, колку списоци поседуваат даночните власти.

Поврзана содржина