1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Може ли да се измери среќата?

На некои влади им е важно граѓаните кои учествуваат во создавањето на БДП да остварат и бруто-национална среќа. Но, според некои истражувања општествениот напредок не се мери само преку економската благосостојба.

default

Во деновите новогодишните и божикните празници сите зборуваат за неа. Ја посакуваат и за себе и за другите, се надеваат дека ќе им дојде како добивка на лото, љубов, деловен успех, вработување... Усогласена дефиниција за среќата не постои. Но, некои држави успеваат дури и да го измерат нејзиниот индекс, бидејќи на нивните влади им е важно граѓаните кои учествуваат во создавањето на бруто-националниот производ (БДП), да остварат и бруто-национална среќа. Според меѓународни истражувања, Македонија е меѓу најмалку среќните земји во светот, заедно со земјите од регионот.

Засега не планираме да го мериме индексот на бруто-националната среќа во Македонија, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски. „Кога мерењето на индексот на среќата ќе биде меѓународно прифатен стандард и ќе стане обврска, тогаш и ние ќе го прифатиме. Дотогаш, секој сам нека си оцени дали и колку е среќен", предлага Пешевски.

Министерство за среќа

Теоријата за бруто-национална среќа првпат ја вовел во 1972 година четвртиот крал на Бутан, Јигме Вангчук. Оттогаш до денес, во оваа мала хималајска држава редовно се мери индексот на среќата и достигнува меѓу највисоките вредности во светот. Таму, секоја потенцијална владина одлука прво оди на консултации кај бутанскиот министер за среќа, кој оценува како таа ќе се одрази врз нацијата. Формално, тој раководи со државна Комисија за индекс на среќата и е своеден министер без портфељ, но всушност го има најважниот ресор-индивидуалната и колективната среќа на нацијата. Инспирирана од ова, ООН дури формирала и експертска група која треба да го доразработи бутанскиот систем за мерење на среќата. Македонија има двојно повеќе министри од Бутан, но ниту еден од нив не е ресорски надлежен за духовната благосостојба на граѓаните. И не треба, вели Љубомир Цуцуловски, професор на Филозофскиот факултет. Тој е противник на оваа идеја, бидејќи за да може да се измери, вивисецира и анализира среќата, значи дека таа претходно треба да се умртви.

„Вознемирува практиката сè и сешто да се квантифицира, да се измери и да се подведе под одреден процент. Како може да се измери среќата, состојбата на човековата душа? Не смее да се изуми дека Гогољевиот роман 'Мртви души' бил забранет од цензорите, но не заради неговата содржина, туку заради насловот на романот. 'Души, а мртви? Како е можно тоа?' се прашувале царските цензори", укажува Цуцуловски.

Толстој, пак, верувал дека сите среќни семејства личат едно на друго, а секое несреќно семејство е несреќно на свој начин. Третиот претседател на САД, Томас Џеферсон, „стремежот кон среќата" го запишал како човеково право во Декларацијата за независност.

Богатството не значи среќа

Geldbeutel Goldmünzen FLASH-GALERIE

Сепак, повеќе истражувања потврдуваат дека општествениот напредок не се мери само преку растот на економската благосостојба. Иако богатите држави главно се посреќни од сиромашните, кога БДП ќе достигне над 15.000 долари по глава на жител, чувството на индивидуална среќа се стабилизира на тоа ниво и не се зголемува со трендот на богатење. Да се биде богат, не значи и да се биде среќен. Околу 81 отсто од Британците повеќе сакаат да бидат среќни отколку богати, покажа истражување на Би-Би-Си.

Социолозите укажуваат дека со несреќните луѓе најлесно се манипулира. Македонија постојано е во потрага по среќа и бегство од манипулации. Граѓаните се надеваат дека количеството од 800.000 таблети дневно што се земаат против вознемиреност и депресија, ќе биде намалено во наредната година. Можеби индексот на среќата никогаш нема да се измери, но стремежот кон среќата останува право што им припаѓа на сите.