1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Можен нов отпис на долгот на Грција?

Таканаречената Тројка, претставници на ЕУ, Европската централна банка и ММФ, според медиумски извештаи, предлага нов отпис на долгот на Грција. Овојпат тоа директно ќе ги погоди граѓаните-даночни обврзници.

Предлогот на Тријката предвидува: сите јавни доверители на Грција, значи другите евро-држави, треба да учествуваат, одрекувајќи се од голем дел од своите побарувања. Ова произлегува од извештај на магазинот „Шпигел“. Со ова првпат директно ќе бидат засегнати граѓаните-даночни обврзници кои ќе треба да платат дел од сметката за долговите на Грција. Магазинот пишува дека Тријката својот предлог го претставила минатиот четврток, на подготвителната средба за следната конференција на министритеза финансии.

Германија вели „не“

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и претставници на други евро-држави го одбиваат овој план. Нивното образложение - не сакаат да ги загубат парите кои нивните влади им ги позајмија на Грците. Шојбле во интервју за Дојчландфунк објасни - буџетското право забранува давање нови пари на должник како Грција, кој не ги исполнува барањата.

„Затоа ова е дискусија која има малку допирни точки со реалноста во земјите членки на еврозоната“, истакна Шојбле.

Пореалистична е опцијата за програма за откуп на долговите. Така Грција ќе ги откупи старите државни обврзници со нови кредити по актуелната пазарна вредност.

ЕЦБ, која кај себе има грчки обврзници во вредност од околу 40 милијарди евра, според „Шпигел“ би била изземена од отписот на грчките долгови, зашто и‘ е забранета ваква форма на финансирање на државите. Но, ЕЦБ веќе изрази подготвеност да ги стави на располагање своите добивки од грчките обврзници.

Тројката врши притисок врз Атина

Тројката го објави меѓуизвештајот откако изврши проверка на економската ситуација во Грција. Резултатот е помалку од скромен: Атина започнала само 60 проценти од реформите, се вели во извештајот, 20 проценти се наоѓаат во фаза на консултации во владата, 20 проценти изостануваат целосно. Тројката набројува 150 нови реформски предлози кои Атина треба да ги спроведе. Европската комисија и ММФ бараат од грчката влада конечно разлабавување на правото на отпуштање, намалување на минималната плата и укинување одредени привилегии на вработените. Освен тоа, Тројката иницира формирање посебна сметка за Грција на која ќе бидат уплаќани парите за помошта, што е стар предлог на германската влада. Доколку Атина не ги спроведе реформите, автоматски би биле зголемени даноците, пишува „Шпигел“. Тројката својот завршен извештај за Грција ќе го поднесе најдоцна на 12. ноември.