1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Можен Манифест, но со какви последици!?

Иницијативата за прекин на преговорите со Грција според експертите е реален одраз на актуелните политики околу деценискиот проблем со името. Дел од нив сметаат дека иницијаторите заслужуваат поддршка.

Манифест за итен прекин на преговорите со Грција за спорот со името ќе испрати група македонски интелектуалци до државните институции, странските амбасади, Брисел и Обединетите нации. Интелектуалци, уметници, професори, писатели, правници бараат земјата под итно да бара прием во ОН под уставното име и го отфрла референдумот како начин за изјаснување околу одреден предлог за решение на деценискиот спор. Иницијативата е во период кога станува извесно дека Македонија е соочена со уште едно вето од Грција, односно се најавува нова блокада на одлуката за почеток на преговори со унијата на јунскиот самит.

Малески: опцијата да се бара уставното име да се употребува во ОН, се наметнува самата од себе

Дали во вакви услови е реално да се очекува Македонија да ги напушти разговорите што се водат со посредништво на ОН? Дел од експертите оставаат простор за такво нешто. Посебно во услови кога политиката што ја водат двете страни не дава надеж дека е можен компромис, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Денко Малески.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister

Денко Малески

„Се плашам дека, вградувањето на идентитетот на античките Македонци на Александар и Филип во основите на нашиот идентитет, го прави компромисот невозможен. Бидејќи идентитетот на грчките Македонци е поставен врз истите основи, нема простор за компромис. Значи, по прашањето на античка Македонија, едната страна мора да капитулира. Бидејќи нема политичар кој сака капитулација, опцијата 'да се оди до крај', односно да се прекинат преговорите и да се бара уставното име да се употребува во ОН, се наметнува самата од себе. Македонија е суверена држава и политиката која има мнозинство во парламентот може да донесе таква одлука. Прашањето е какви ќе бидат последиците од таквиот потег. Но, едно е сигурно, писатели и поети не се најдобрите советници во државните работи, смета Малески.

Никовски: идејата на интелектуалците е оправдана

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски пак смета дека идејата, односно иницијативата на групата интелектуалци е оправдана и треба да се поддржи. Со тоа како што вели ќе се испрати јасен сигнал до западот кај кого лоцира дел од одговорноста за актуелните состојби.

„Иницијативата на интелектуалците заслужува целосна поддршка. Вашингтон, помогнат од Брисел, треба да сфати дека веќе 20 години си игра и ја малтретира Македонија. Се игнорираат повелбата на Организацијата на обединети нации, пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. На сметка на нечии тесни интереси се спроведува бескурпулозна политика на сила, чија жртва е македонскиот народ. Крајно време е тоа да престане“, коментира Никовски.

Попоски најави дека се очекува ново вето за Македонија

Nikola Poposki

Никола Попоски

Дека Македонија на претстојниот самит на ЕУ во јуни е соочена со уште едно вето од Грција најави и министерот за надворешни работи Никола Попоски деновиве во Брисел, по средбата со дитректорот на Директоратот за проширување Стефано Санино: „Носењето на одлуката за почеток на преговори за нас е многу јасна, а и очекувањата на Комисијата се на иста линија. Извесно е дека Република Македонија долг временски период заслужува да ги почне преговорите и исто толку е извесно дека Република Грција не е подготвена за поддршка, а без нејзина поддршка тоа не може да се случи“, рече Попоски.

Иницијаторите на Манифестот сметаат дека доколку се смени името, македонскиот народ ќе остане без вековниот идентитет, јазик, култура, традиција, историја. Премиерот Никола Груевски досега повеќепати повтори дека решението за името е прашање за кое ќе се изјаснат граѓаните преку референдум кој ќе биде распишан доколку се оцени дека постои прифатливо предлог решение кое во никој случај не би задирало во македонскиот идентитет.