1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Можен ли е натпартиски претседател во Македонија?

По откажувањето на Срѓан Керим, во трката за избор за шеф на државата влегува Нано Ружин. Експертската јавност смета дека земјата не е зрела за натпартискa личност за претседател.

default

Нано Ружин

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин и официјално е најавен како иден кандидат на опозициската ЛДП за претседател на земјата. Од ова партија соопштија дека за кандидатурата на Ружин добиле поддршка од НСДП, а такво нешто очекуваат и од другите опозициски партии. Кандидатурата на Ружин доаѓа по одлуката на Срѓан Керим да се откаже од учество во изборната трка. Керим образложи дека својата одлука ја донесол откако Али Ахмети однапред го известил дека со Никола Груевски направил некаков друг договор. Затоа тој смета дека било беспредметно да се меша и да биде дел од таквите партиски договори. Ваквиот став на Керим повторно ја актуелизира темата околу тоа дали Македонија е зрела за натпартиска личност на претседателската функција.

Повеќето експерти сметаат дека земјата се’ уште не е зрела за натпартиска личност за претседател, без оглед на неговата национална припадност. Овој став го дели и професорот Љубомир Кекеновски.

Treffen - mazedonischer Premierminister Gruevski und Parteivorsitzenden

Од лидерските средби во Македонија

Тој се сомнева дека Македонија е зрела за такво нешто. Според него, тоа наскоро не може да се очекува со оглед на крајно политизираните ставови на двете најголеми политички партии. Аналитичарот Емил Атанасовски посочува на неопходноста од конкуренција на личности, партии и платформи што би им се нуделе на гласачите како алтернатива. Тој смета дека секогаш е подобро кога во изборната трка учествуваат поголем број на кандидати. Според Атанасовски, тоа ќе доведе до поголема демократска дебата и промовирање на идеи.

Најава за предизборна коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во последно време се најавува дека премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, разговараат и за мултиетничка, заедничка коалиција, не само во рамки на владата. Универзитетскиот професор Мерсел Биљали смета дека доколку се појави натпартиска личност која рефлектира морална димензија и чија платформа ќе биде заснована на главните столбови, како што се евроатлантските интегративни процеси, мнозинството Македонци и Албанци во земјата би требало да го поддржат. Сепак, Биљали смета дека претстојните избори ќе бидат во сенка на партиската доминација. Најавите за можна коалиција или договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за професорот Руфи Османи е нов трик што им се нуди на Албанците во земјата како компензација за поддршката, која ДУИ ќе му ја даде на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Руфи Османи, кој се самокандидира за градоначалник на Гостивар, смета дека договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се сведе на заемна поддршка на локалните избори, бидејќи градоначалничките места се многу поатрактивни за владината коалиција, отколку изборот на идниот шеф на државата.