1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Можен ли е избор на функционери без политика?

Владиниот оглас за ангажирање на лица на раководни позиции според експертите е навидум добра стратегија. Но ако при изборот се меша политиката, тогаш предупредуваат дека нема да има ништо од посакуваниот позитивен ефект.

Директори, амбасадори, советници, државни секретари. Македонската влада преку јавен оглас сака да ги мотивира најспособните кадри да пријават интерес за раководните позиции во дипломатијата, државните институции, јавните установи, здравствените домови. Се бараат советници на Премиерот, директори во јавни претпријатија, дури 19 амбасадори, државни секретари. Сите кандидати имаат еднакви шанси за прием, а може да аплицира кој сака. Клучен фактор е образованието, способноста, искуството, личниот капацитет што ќе се тестира и филтрира на повеќе нивоа.

Може ли да се спроведе овој процес без политика? Дел од експертите се сомневаат, иако сметаат дека ваквата стратегија е навидум добра, пред се' поради јавно декларираните заложби за подигнување и афирмирање на транспарентноста во екипирањето на институциите, во прв план на дипломатијата. Универзитетскиот професор Хасан Јашари смета дека процесот ќе им даде простор и на луѓето кои немаат партиски ангажмани или припадност. Но ако се меша политиката, тогаш проблемите ќе бидат неизбежни, вели тој и додава:  

„Проблемот може да се појави, а и ќе се појави како резултат на партиски притисоци во самата владејачка структура. Сите знаеме како одат работите. Се бараат гласови отворено, а сходно на тоа се нудат и се ветуваат функции. Ако навистина имаме насоченост ова да се спроведе, тогаш тоа е реален процес на ослободување на јавната администрација од стегите на партиските комитети. Но ако не може да се одолее на партиските притисоци, тоа ќе биде само една димна завеса за барање на квалитетен кадар преку огласи. Филозофски погледнато проблемот не е јавниот повик, туку врз кои мерила и критериуми ќе се вреднуваат кандидатите? Дополнително прашање е кое тело ќе ги избере. Ако се знае кој согласно законот е надлежен за предлог и именувања на такви позиции тогаш е јасно колку политиката и политичката подобност ќе бидат присутни“, коментира Јашари.

Со сличен став е и професорот Темелко Ристовски. Целата постапка според него на прв поглед делува убаво и транспарентно. Ристовски се надева дека целиот процес ќе резултира со нешто позитивно, но сепак станува збор за една убава и транспарентна мерка

„Со оглед на начинот на кој ќе се прави избор на кадарот, искрено сум скептичен дека тоа ќе се прави согласно принципот на стручност. Ова го кажувам затоа што досегашната практика покажа дека главно им се дава предност на оние што ќе бидат верни и ќе ја спроведуваат политиката на владејачката гарнитура. Тоа ќе биде во ред но само доколку дневната политика на Владата биде насочена кон спроведување на уставот и законите, во функција на интересите на граѓаните и нивно задоволство од мерките што се носат. Би било недозволиво и неетички да се бираат кандидати што ја поддржуваат владејачката структура, бидејќи ефикасната администрација мора да почива на принципите на стручност и непартичност. Се надевам дека сепак од целата оваа работа ќе излезе нешто позитивно“, смета Ристовски.

Од Владата велат дека и покрај тоа што не станува збор за нивна законска обврска, огласот го распишале за да ги мотивираат најдобрите кандидати: „Огласот не го објавуваме зашто мораме, туку зашто сакаме да дојдеме до најспособните кои сакаат и се подготвени да извршуваат јавни функции. Втората клучна причина е промовирањето на политика на отворени врати за секој што поседува висок квалитет на знаење и капацитет да раководи со значајна државна институција, независно од неговата политичка, партиска, етничка, религиозна или каква било друга припадност“, изјави премиерот Никола Груевски. Огласот трае до крајот на мај.