1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Модерни гурбетчии

Младите во Македонија се’ потешко наоѓаат работа, живеат од денес до утре, сонуваат за брза заработувачка. Се’ поголем број среќата ја бараат во странство и тоа на ризични места и професии во Ирак и Авганистан.

default

Скендер Рамадани е млад човек, без соодветно образование и работа, а со семејство кое секојдневно се судрува со борба за преживување. Како опстојува, само тој знае. Живее во стара семејна куќа во скопско Топаанско поле, со социјална помош од 2.000 денари месечно. Вели не се издржува петчленото семејство со толку малку пари. Треба да се јаде, да се платат сметките, детето да се испрати на училиште... Како тоа да се направи со само 2.000 денари! Понекогаш ќе добие работа на ден или два, во чајџилница или некој дуќан, но тоа е ретко и недоволно.

„Ако некој мисли дека може да се живее со 2.000 денари, тој се лаже. Живеам катастрофално. Нека дојдат да проверат како живеам. Некогаш ќе најдам работа за 500 денари на ден, а потоа три недели ништо“, вели Скендер и додава дека само сака редовна работа, без разлика што ќе работи, дали ќе мете улици или ќе копа канализација, само да е работа.

„Излет“ до Германија

Признава дека патот по преживување го одвел и во Германија, но и од таму се разочарал - затоа што немало кој да го прифати и повлече за да остане.

Mazedonien Land und Leute junge Familie im Park

„Бев во Оберхаузен. Малку работев, бидејќи немаше многу работа и се вратив за да не се заглавам уште повеќе Таму можеш да опстанеш само ако има некој да те прифати, инаку е многу тешко“, вели Рамадани.

Помош од владата

Мирјанка Алексовска од МТСП, смета дека во земјата има голем број невработени млади луѓе. „Според податоците на Агенцијата за вработување на 31 декември 2010 година вкупната бројка на невработени лица изнесувапа 321.341 од кои како млади лица до 30 години се 84.042 лица или 26% од вкупниот борј невработени. Секако, настојуваме оваа бројка да биде помала, иако таа сега е голема“, изјави Алексовска.

Младите најчесто на располагање ги имаат владините мерки, со кои им се отвораат можности за вработување во државниот и јавен сектор, но и во приватниот бизнис.

Mazedonien NGO Youth Educational Forum

Тоа се прави преку програмата за самовработување, програмата за обука, попозната како програма за изучување странски јазици, компјутери, програма за пракса на младите, потоа програмата за субвенционирање при вработување...

Модерни гастербајтери

Куманово е еден од македонските градови со најмногу модерни гастребајтери. Како град на затворени фабрики и голем број стечајци, нормално е што Куманово има и голем број млади без работа, со желба да заминат во странство.

24-годишниот Бранко е студент а филозовскиот факултет во Скопје, а поради семејна трагедија од втората година на студиите самиот се издржува. Од тие причини заминал во Дубаи и откако по кусиот престој се вратил од таму сега се издржува работејќи по клубови, ресторани и кафулиња во Куманово. „Добивам од 300 до 350 денари во регуларна вечер, па до 700 и 1.000 за свадби. Минимално ми требаат 500 денари дневно за на факултет во Скопје, за одење и враќање, како и за храна. Месечно, ако не купувам гардероба, ми требаат 100-150 евра за да преживеам“.

Изневерени надежи

За заминување во странство веќе не размислува, затоа што со него и колегите во Дубаи се постапувало нехумано. „Ништо од договорот не се реализира.

Menschen in Suto Orizari

Ни ветија 3.100 долари месечно, а кога по два месеца ги зедовме и првата и втората плата заедно ни дадоа само една четвртина од договореното. Се вратив со помош на рускиот конзулат во ОАЕ“, вели Бранко.

Неговиот сограѓанин 21-годишниот Марио Доневски, пак, студира бизнис администарција, но сонува да биде информатичар. Со овој афинитет сакал да замине за Авганистан и таму да заработи за сигурна иднина. Досега трипати аплицирал за заминување во Авганистан и бил одбиен. Вели, не се откажува затоа што станува збор за сериозни пари што таму можат да се заработат. „Минималната плата за општ работник во Авганистан е 45.000 долари годишно, а на подобрите места и до 60.000 - 70.000 долари. За млад човек тоа се многу пари, кои во Куманово не можеш да ги заработиш ни за цел работен век“, вели Марио и додава дека како компјутерџија во Куманово може да заработи до 500 евра месечно.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Александра Трајковска