1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Модерниот бизнис на обложувачката мафија

Азија е вистински рај за љубителите на обложувалниците. Таму може да се обложувате на се‘ и сешто: број на постигнати голови, број на корнери... Престолнина на обложувачкиот свет е финансиската метропола Сингапур.

Илегалните спортски фудбалски обложувалници во Азија имаат годишен обрт од милијарди евра, можеби дури и повеќе стотини милијарди. Никој точно не знае колку пари се вложуваат во заработувачката/загубата на обложувањето. Таа бранша не е на глас како транспарентна. Напротив, со светот на обложување владее мафијата.

Во Кина илегалните обложувалници се забранети. Сепак, инсајдери тврдат дека само во таа земја на обложување се „свртува“ вистинско богатство.

„Честопати се обложувам, одам во одреден бар да вложам пари, а тоа понекогаш го правам и телефонски и преку СМС-пораки“ вели 28-годишен жител на Пекинг за агенцијата ДПА. На што се обложува? „Главно на некој тим или на резултатот.“

Државните кинески медиуми тврдат дека најмалку десет милиони Кинези редовно вложуваат пари за обложување на фудбалски натпревари. Тоа често пати го прават преку темни канали или илегални понудувачи на интернет. „Во случај да погодам, парите се префрлаат на моја сметка“, објаснува момчето од Пекинг. „Ако загубам, плаќам директно кај вработен во барот кадешто се обложувам, или ако тоа сум го сторил телефонски, некој доаѓа кај мене за да ги земе парите.“

Луѓето кои работат за мафијата ги запознал преку пријатели и познаници. „Не ги знам луѓето кои го организираат ваквиот бизнис, не знам кои се луѓето кои се коцкаат навистина со мојот влог“, тврди 28-годишникот. Подобрите познавачи тврдат дека се работи за класична „пирамида“ со многу нивоа. Бизнисот цути. Само за време на Светското првенство во фудбал 2010, Кинезите на обложување потрошиле билион јуани, односно околу 100 милијарди евра, тврдат кинеските државни медиуми.

Во ноември во Шангај кинеските власти разбија обложувачки картел кој од јануари 2012 „свртел“ 70 милијарди јуани, односно речиси една милијарда евра. Таа група била поврзана со 20-тина веб-страници, главно од подрачјето на југоисточна Азија, чии сопственици се Кинези.

Познавачите на браншата не се изненадени од податокот дека трагата на Европол во досега најголемиот европски скандал со обложување во фудбалот води во Сингапур. Тоа не се должи само на одушевеноста на жителите на Сингапур од фудбалот, туку на неговото значење како даночен рај и финансиски центар.

„Сингапур дефинитивно е епицентар, зашто таму се влеваат парите од цела Азија“, вели италијанскиот новинар и експерт Антонио Талиа. Тој во последнитте години во повеќе наврати ја анализираше азиската обложувачка мафија, односно можеби е подобро да се рече - обложувачка индустрија.

„Во подземјето има цела мрежа, цел систем обложувачки организации. Тој систем е совршено организиран со цел - манипулација на натпреварите“, тврди Талиа. „Манипулациите со натпреварите се како финансиски производ“, додава тој. Од Кина во насока на Сингапур течат илегално заработени пари кои потоа се реинвестираат во обложувалниците.

Мафијата е активна и во третата или четвртата лига, зашто поради ниските примања на играчите е полесно тие да бидат и изманипулирани, објаснува Талиа. Има гласини дека цели европски тимови се „купени“.

Притоа, обложувачите не погаѓаат само краен резултат од натпреварот. На илегалните веб-страници кои речиси секоја недела ја менуваат интернет адресата, натпреварите се поделени на делови од по 10 до 15 минути. Кој ќе го даде наредниот гол? Кој ќе изведе слободен удар? Кој ќе изведе корнер? „Можете да се обложувате на се‘“, обајснува Талиа.

Добивките може да се префрлат за обложување на наредните натпревари или сумата да биде префрлена на банкарска сметка. Букмејкерите, според Талиа, се од доверба. „Барем во тоа се искрени, зашто сакаат да остават впечаток дека се работи за луѓе од доверба.“