1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Модерниот аеродром во Скопје - само почеток

Утре (06.09.2011) Скопје треба да го добие најмодерниот аеродром на Балканот со кој управува турската компанија ТАВ. Тоа е само мал дел од најавената една милјарда долари турски инвестиции и размена со Македонија.

default

Досегашната зграда на аеродромот во Скопје

Најнов воен грант од Турција за АРМ. Компанијата ТАВ ја отвора модерно изградената нова пристанишна зграда на скопскиот аеродром. На македонскиот финансиски пазар се појави третата по големина турска банка. Густината на овие информации, во само еден месец, повторно ја стави политиката на официјална Анкара во центарот на македонскиот и регионален интерес. Пред две години на економскиот форум во Истанбул, во присуство на 200 компании од двете земји и премиерите Груевски и Ердоган, беа потенцирани заложбите на Турција, сегашната трговска размена од 330 милиони долари многу брзо да ја зголеми на една милијарда и нови обемни инвестиции.

Skopje Flughafen Aleksandar Veliki

Старата зграда на аеродромот ќе биде заменета со најмодерна на Балканот

„Турција не само на Балканот, туку и пошироко, станува лидер и поради својата економска експанзија. Ме зачудува реакцијата дека наводно тоа е концепт за обновување на отоманството во современите европски текови. Подарокот и поставувањето на статуата на Александар Велики на скопскиот аеродром од страна на инвеститорот ТАВ е симболика на македонско-турското пријателство. Тоа не е смислена иритација на соседот Грција“, вели во интервју за ДВ Кенан Хасипи, пратеник од владеечкото мнозинство, лидер на една од партиите на 85-те илади Турци во Македонија.

Традиционално добри односи

Македонија со Турција, како една од ретките држави во светот, има договор за стратешко партнерство. Официјална Анкара, пред две децении, меѓу првите ја призна независноста и државата под уставното име, но и експресно отвори амбасада во Македонија. На НАТО самитот во Истанбул Турција го издвои својот став во завршниот документ и наместо ФИРОМ, во фуснота, Македонија е именувана со уставното име, што тогаш ја иритираше Грција, како членка на Алијансата.

Gruevski in der Türkei

Македонскиот премиер Никола Груевски за време на последната посета на Турција

Дали сега преку Македонија не случајно стартува стратегијата на Турција за враќање на османлиството, како модел на ново-стара европска цивилизација? Колку властите во Скопје, со подршката и партнерство од Анкара, ја јакнат преговарачката позиција со Грција во спорот со името?

Во дипломатијата ретки се доказите, чести се индициите. Во октомври во Скопје ќе се организира таканаречениот седми конгрес на Кемал Ататурк, таткото на модерна Турција. За прв пат надвор од Анкара и под покровителство на двајцата претседатели Ѓорѓи Иванов и Абдула Ѓул, а со учество на светски истражувачи. Пролетоска МАНУ беше организатор на регионална научна конференција, со врни светски експерти, за исламот на Балканот, на која шефот на македонската држава, за отоманската империја проговори со димензија на европска цивилизација.

„Во многу национални истории доаѓањето на исламот и отоманската власт на европска почва се толкува како мрачен период, по што балканските христијани нема никогаш целосно да се повратат. Меѓутоа, бескрајните војни што беснееле во 14 век биле заменети со стабилност што ја донела организираната османлиска држава“.

Претседателот Иванов ги собра симпатиите и во Турција со настап како научен истражувач на Милет-системот, кодекс на специфични и недоволно проучени етички вредности од Османството.

Mazedonischer Präsident Gorge Ivanov und US Vize-Außemninister James Steinberg

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Македонија - ризница на Отоманството

„На некој начин го живееме овој нов период на османлиството. Не зборувам само за споменици, за џамиите, за црквите, па дури и голем дел од нив, се изградени за време на отоманската империја. Тоа е една цивилизација со наука, истражувања, етички вредности, храна, организација на еден модел на управување“, оценува за ДВ, Александар Шопов македонски докторант на Харвард. Тој истакнува дека Македонија е вистинска ризница на сочувани архиви и монументи од присуството на Отоманската имерија, за која веќе се бришат и учeбникарските дефиниции за петвековно османлиско ропство. Тој посочува дека битолскиот архив со шериетско право и судски пресуди во три века наназад, е еден од најбогатите светски архиви на тој османлиски период во Европа.

„Во Македонија се најсочувани спомениците на Отоманството, но се заканува нивно нестручно реставрирање поради неагажирање на експерти за тој период и управување на институциите од нестручни и политички личности“, коменираше за ДВ Илхамин Емин, еден од врвните поети, кој  пишува и на македонски и турски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски