1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мода за младите муслимани

Производите од модна фирма од Витен треба да им помогнат на младите муслимани да настапуваат и изгледаат модерно и стилски, но истовремено самосвесно и сериозно да се држат до својата религија.

default

Мелих Кесмен

Да се биде верник муслиман и да се води модерен начин на живот, на прв поглед - непомирливи противречности. Од една страна, правилата на Коранот и на традицијата на муслиманскиот свет, од друга страна западниот начин на живот, ориентиран кон потрошувачка. За младите муслимани е многу тешко да најдат свој идентитет, кој би ги содржел двете работи. Но, дека тоа е можно, покажува една модна куќа од Витен во Рурската област, „Стајлислам“. Производите од оваа фирма треба да им помогнат на младите муслимани да настапуваат и изгледаат модерно и стилски, но истовремено самосвесно и сериозно да се држат до својата религија.

Исламот како Lifestyle Мелих Кесмен средува во малиот магацин меѓу високите метални регали и во рацете зема црна лаптоп чанта, чија марка придонесува за поголема самодоверба при носењето шамија. На неа со големи бели букви стои напишано „Попиг“.

Од една подолна полица на регалот 32-годишниот Кесмен извлекува еден црвен дуксер со качулка, на кој се пречкртани насликаните коцка, прасе и пивска чаша. На неа стои натпис „Го Халал“. Тоа во превод значи: живеј според правилата на Коранот. Модерен, урбан дизајн и побожни пораки, тоа е идејата на модната куќа „Стајлислам“ на германско-турскиот креатор Мелих Кесмен:

„Намерата на „Стајлислам“ е едноставна: ние сме овде, ние сме дел од заедницата. И ние сме луѓе кои овде плаќаат данок, работат, понекогаш се тажни или весели, кои едноставно припаѓаат кон ова општество како германски муслимани.“

Melih Kesmen Firmeninhaber Styleislam

Предизвик - мода и религија

Почеток во времето на спорот со карикатурите на Мохамед

Проектот започнал пред три години, во екот на протестите и спорот околу карикатурите на Мохамед. Мелих Кесмен бил прилично лут, од една страна поради нивното објавување, но посебно поради реакциите во исламскиот свет, хистеричните демонстрации и палењето знамиња:

„Помислив, мора да постои пат за да се реагира на тоа креативно и продуктивно, на мирен начин. Решив да направам една маица, да истакнам на неа: јас го сакам својот пророк.“

Маичката со натпис „Го сакам мојот пророк“ речиси му била истргната од него, вели Кесмен, и тоа не од критичарите, туку од луѓето кои биле одушевени од неа. Така графичкиот дизајнер се зафатил во родниот град Витен со реализирање на својата идеја за исламски пораки на делови од облеката. Во меѓувреме, неговиот асортиман опфаќа околу 30 слогани на сите можни делови од облеката и модни детали:

„Постои шаренило, имаме антивоени мотиви, објаснувачки, мотиви кои повикуваат на помирување.“

Моден белег за младите муслимани

Aсортиманот на „Стајлислам“ расте постојано. Дизајнерот Кесмен прави реклама и со тоа што од секоја продадена кошула едно евро оди за помош на еден дом за сираци во Африка. Така, станува збор за марка, која кај муслиманските потрошувачи кои ја носат, предизвикува добро чувство.

Кога Кесмен вработува некоја графичарка, порадо избира жени со шамија. Работата во бирото се одвива во религиозни рамки, постојат паузи за молитвите. Германскиот најпознат исламски рапер, Амар 114, прави реклама за „Стајлислам“. Таа наидува на добар прием кај младите муслимани.

Еден од нив седи во еден арапски ресторан во берлинскиот кварт Кројцберг и чека да му донесат чај. Салман Сагир, момче од Берлин, како што се нарекува самиот, чии родители дошле од Пакистан. Тој е висок речиси два метра и е атлетски граден. Маицата му е претесна. Можеби во „Стајлислам“ наскоро ќе има и поголеми броеви, вели Салман:

„Маицата има натпис: ’Умах би парт оф ит’. ’Умах’ на арапски значи заедница, исламска заедница, а јас сум дел од неа. “

I Love My Prophet

Маица со текст: „Го сакам мојот пророк“

Салман Сагир е активен меѓу муслиманската младина во Германија. Тој се надева дека неговиот самосвесен настап ќе биде пример:

„Имам многу помлади пријатели и познаници, за кои јас сакам да бидат пример, со вакви натписи човек лесно започнува разговор. “

На границата на провокација?

Производите од „Стајлислам“ не го поедноставуваат дијалогот со немуслиманите. Натписите често содржат исламски зборови или се на турски јазик.

Мелих Кесмен не сака да го прифати овој приговор. Во неговото биро тој покажува на компјутерскиот монитор на работната маса. За секој мотив на интернет страницата на модната куќа постои опширно објаснување. Но, човек треба да направи напор за да прочита, a во врска со натписот „Исус беше муслиман“, со тоа ќе била избегната голема возбуда:

„Добивме закани дури и од Баварија, како ни‘ паднало на памет да се поигруваме со Исус, а притоа, тој е еден од најголемите пророци во исламот и всушност нема поинаква порака отколку пророкот Мохамед.“

Реакциите од вакви маргинални групи, вели Кесман, во меѓувреме тој ги игнорира. Тоа важи и за критиката од сопствената, муслиманска заедница. И таму има такви кои мислат дека модерниот начин на живот и религијата на пророкот не одат едно со друго:

„Во секоја заедница, па и во муслиманската, постојат типови кои имаат негативен став, кои не можат да ја поврзат сликата на модата и исламот. Иако, јас мислам дека тука не постои никакво проблем, се‘ додека се‘ се одвива во вистински рамки“, вели Кесмен.

Автор: Хајнер Кисел / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска