1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Мобилгејт“ - Сноуден да се повика како сведок

Обвинувањата дека американската тајна служба го прислушувала мобилниот телефон на канцеларката Меркел потекнуваат од документи на Едвард Сноуден. Сега германски политичари бараат Американецот да биде повикан да сведочи.

Поранешниот соработник на американските тајни служби Едвард Сноуден (на насловната фотографија) е лицето на НСА-аферата. Тој со голем број тајни документи во текот на летото побегна од САД во Хонгконг, а оттаму во Русија. Од Сноуден потекнуваат и најновите укажувања за прислушување на мобилниот телефон на германската канцеларка Ангела Меркел. Затоа, многумина германски политичари сега оценуваат - Сноуден би бил најдобар сведок во аферата.

„Американската влада не‘ лажеше“

Раководителот на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Томас Оперман, во „Билд ам Зонтаг“ побара основање истражна комисија за аферата со прислушување. Таа комисија потоа би требало да го сослуша Сноуден. „Наводите на Сноуден се чинат веродостојни, а американската влада очигледно лажеше по ова прашање“, изјави Оперман.

Меѓутоа, проблемот е во тоа што Сноуден од август годинава има азил во Русија, а неговата точна локација не и‘ е позната на јавноста. Доколку дојде во Германија постои опасност да им биде предаден на САД, иако Оперман тоа го смета за неверојатно. „Не можам да замислам Сојузна Република Германија да испорача лице кое открило тешка шпионажа во земја која е одговорна за тој шпионски акт“, изјави политичарот на СПД за ЗДФ, вториот канал на германската телевизија.

Deutschland Bundestag Verfassungswidrigkeit der NPD Thomas Opermann

Томас Оперман бара истражна комисија која ќе го сослуша Сноуден

Кристијан Штребеле, пратеник на Сојузот 90/Зелени, дури предлага на Сноуден да му се понуди азил во Германија или да му биде даден статус на заштитен сведок. „Тој е важен сведок, кој е загрозен“, вели Штребеле за „Тагесцајтунг“. И шефот на пратеничката група на Партијата на левицата, Грегор Гизи, нагласи дека Сноуден сега и‘ е потребен на Германија како сведок.

Германските политичари не се осамени во нивниот повик за сведочење на Сноуден. Пред десет дена бразилската сојузна полиција најави дека би сакала да го испраша Сноуден. Бразил како најголема јужноамериканска земја била главна цел на прислушувањето од страна на НСА. Претседателката Дилма Русеф во знак на протест го откажа патувањето во САД планирано за септември.

Испрашување - замисливо, но тешко

Покрај сослушување од страна на истражна комисија, во Германија е можна истрага за случајот и од страна на сојузното обвинителство. Министерката за правда Сабине Лојтхојзер-Шнаренбергер вели дека тоа е можно. Таа за Дојчландфунк изјави: „Наскоро ќе видиме каде тоа води и дали ќе мораме и ќе можеме да добиеме и други сознанија преку испрашување на сведокот со ваква една истражна постапка.“

NSA Abhörskandal Handy Merkel Dokument Ausschnitt

Документ на НСА кој покажува кога почнало прислушувањето на Меркел

Сојузното обвинителство е одговорно за внатрешната и надворешната безбедност и највисока инстанца за кривично гонење во Германија. Сепак, досега во аферата со мобилниот телефон, не е поведена постапка. Меѓутоа - случајот се преиспитува! Сојузниот обвинител Харалд Ранге во саботата (26.10) изјави дека „се‘ уште нема доволно информации“. „Се обидуваме да обезбедиме поблиски информации.“ Околу можно сведочење на Сноуден, Ранге изјави дека сведок не може да биде повикан да сведочи ако нема отворено ниту истражна постапка.

Доколку обвинителот навистина треба да го испраша Сноуден, ќе се појават други практични проблеми. „Не можам едноставно да заминам за Москва, да слетам на аеродром и да чекам додека господин Сноуден не мине оттука“, стави јасно до знаење Ранге.

Сепак, можност да се стигне до Сноуден има - тоа би било таканареченото барање за правна помош. Такво барање Германија би требало да достави до Русија, а потоа руски службеници би можеле да го испрашаат Сноуден на лице место. Вакви постапки не се невообичаени во случаи кога важни сведоци се наоѓаат во странство. Но за такво нешто би требало прво да се отвори истражна постапка од страна на сојузното обвинителство во Германија.