1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

МНР ги осуди инцидентите во Тирана - едно лице заврши во притвор

Македонското МНР најостро го осуди вчерашниот вандалски чин на палење на македонските знамиња во центарот на Тирана и побара да се пронајдат и казнат сторителите. Едно лице веќе е уапсено за фрлање јајца кон Груевски.

„Цениме дека ваквиот нецивилизиран акт не е во прилог на пријателските односи меѓу Македонија и Албанија, особено што овој настан се случи по официјалната посета на претседателот на македонската Влада Никола Груевски на Република Албанија, на која двете земји ги потврдија добрососедските односи, меѓусебната доверба и пријателство. Оттаму, особено е значајно да не се дозволи да се нанесува штета на односите кои сакаме да се градат во европски дух“, се вели во денешното соопштение од македонското МНР. 

Во него се додава дека македонската амбасада во Тирана со вербална нота реагирала до албанското МНР со барање за официјална информација за настанот, како и дека МНР го повикало на разговор амбасадорот на Република Албанија во седиште во Скопје Арбен Чејку. 

„Министерството за надворешни работи на Република Македонија очекува надлежните органи на Република Албанија да преземат најитни мерки за пронаоѓање и казна на сторителите, а властите на пријателска Албанија најостро да го осудат ваквиот вандалски чин кој поттикнува нетрпеливост и длабоко ги повреди чувствата на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Инаку, освен палењето и претходно симнување на македонските знамиња од канделабрите во Тирана, кои  беше регистрирано на видео снимка, за време на официјалната посетата на Груевски на Тирана се случи и уште еден инцидент. Неколку радикални лица фрлија јајца и пластично шише врз автомобилот на премиерот Никола Груевски, кој беше дел од колоната што се движеше низ улиците во Тирана.

Албанските медиуми јавија дека полицијата денеска го уапсила лицето кое фрли јајца врз автомобилот на македонскиот премиер. Станува збор за Таулан Цапа, кој изјавил дека тоа го направил поради негирање на правата на Албанците во Македонија. Дел на медиумите во Тирана наведуваат дека Цапа е дебранец, односно дека потекнува од Македонија.

Албанските медиуми вчера јавија дека напаѓачите најверојатно се припадници на црвено-црната Алијанса, кои неодамна правеа провокации на македонското малцинство во Албанија.

Поврзана содржина