1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мнозинството Бразилци ги поддржуваат протестите

Четвртина милион Бразилци илегоа на последните протести во земјата, на кои се бара фокусирање на корупцијата и реформирање на државниот систем. Последната анкета покажува поддршка од 75 проценти на демонстрациите.

Ново истражување на јавното мослење, објавено во неделникот „Епока“, покажува дека три четвртини од Бразилците, односно 75 проценти од населението, даваат поддршка на протестите во земјата. Истражувањето во периодот од 16 до 20 јуни го спровело институтот „Ибопе“ на 1.008 испитаници низ цел Бразил. Како главни причини за поддршка на двонеделните протести се наведува поскапувањето на јавниот транспорт и револтот кон политичката елита.

И синоќа ширум земјата се одржаа протести, но овојпат бројот на излезени Бразилци на демонстрации беше помал – околу 250.000. За споредба, во четвртокот протестираа околу еден милион незадоволни граѓани. Вчерашните протести беа одбележани со помалку насилство во однос на претходните денови. Во градот Бело Хоризонте полицијата употреби слозавец и гумени куршуми за да ги растера демонстрантите, кои се обиделе да го пробијат полицискиот кордон и запалиле еден салон за автомобили.

Протестите започнаа пред повеќе од две недели во градот Сао Паоло поради одлуката на локалните власти за поскапување на јавниот градски превоз. Демонстрациите набрзо се проширија низ целата земја и прераснаа во барања за борба против корупцијата и за реформи во државата. Протестите во Бразил се одржуваат во време кога земјата е домаќин на фудбалскиот Куп на конфедерациите.