1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Многу прашања, малку одговори во Давос

Во неделата (30.01) во Давос заврши 41. Светски економски форум. На традиционалниот собир требаше да бидат најдени „Заеднички регулативи за новата реалност“. Но и по него останаа пред се’ многу прашања.

default

Во петте дена, високо во швајцарското планинско место Давос, беа поставени многу интересни прашања. Дали е нормално, праша на пример францускиот претседател Никола Саркози, шпекулантите во една единствена трансакција да можат да истргуваат цели 15 проценти од светскиот пазар на какао, без за тоа да платат ниту цент? Или, пак, Азим Премџи, софтвер-милијардерот од Индија, кој праша - како може една милијарда луѓе во индустриски развиените земји да им продаваат поскапи производи на три милијарди луѓе во земјите во развој, но од таму да купуваат само евтини продукти? И конечно Жу Мин, највисокиот претставник на Кина во Меѓународниот Монетарен Фонд , кој всушност го доведе во прашање целиот западен економски модел.

Премногу конјуктив

Меѓутоа, со одговорите на овие прашања на средбата на самопрогласената светска елита во Давос, одеше тешко. Би морало, би можело, би требало - повеќе од ова немаше. Притоа, пристапот на домаќинот Клаус Шваб е исправен. Овој форум има за цел работите да ги набљудува во глобален контекст и да трага по сеопфатни решенија. Факти и сознанија за такво нешто има доволно. Во моментов, имено, 16 проценти од светското население троши околу 80 проценти од светските ресурси. Побарувачката за вода, прехранбени производи и енергија во наредните години ќе порасне за 30 до 50 проценти. Што ќе се случи , ако растечките цени и несигурната перспектива за иднината ги натераат луѓето на улица, како што може да се види деновиве во северна Африка?

Претпазлив пристап

Само одмерен, одржлив развој може да ја подобри

Kommentarbild Henrik Böhme Bonn Deutsch

Хенрик Беме, автор на коментарот

благосостојбата на милијарди луѓе. За развиените држави тоа значи дека тие мораат да дадат нешто од својата благосостојба. Тоа во Давос не го кажа никој, а згора на тоа луксузот и изобилството се карактеристика на форумот. Сепак, по глобалната економска криза се наметна ставот дека со т.н „благосостојба на кредит“ веќе не може да се продолжи. Соодветно на тоа, основачот на форумот Клаус Шваб побара „ Промена кон помалку“. И германската канцеларка Ангела Меркел разви висија во оваа насока, во која говореше за „глобална одговорност“ Се’ уште тоа се само зборови, чие спроведување бара радикална промена на нашето денешно размислување.

Кој е моделот?

Тоа се начини на размислување на минатите векови, според кои се стопанисуваше и со кои се водеше политика. Со тоа, имено, можеше да се надмине големата криза, но не и повеќе од тоа. Не, потребно е нешто сосема ново. Оној кој зборува за одржлива економија, како Ангела Меркел на пример, тој притоа не може да мисли на англосаксонскиот Shareholder value модел . Токму тој беше хранлива почва за ексцесите на финансиските пазари. Се’ за доброто на акционерот - не може да биде стопанскиот модел на 21 век.

Што меѓутоа сакаме ние? Краткорочно стремење кон добивка или долгорочно општо добро? Тоа ќе биде големата дебата во наредните години. Давос во секој случај даде поттик за расмислување, но не и одговори.

Автор: Хенрик Беме

Превод: Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска