1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Многу неодговорени прашања во процесот против НСУ

Судењето на четворицата обвинети во Германија за директно учество или помагање на неонацистичката ќелија е во прекин поради летните одмори, по 32-дневно заседание. Обвинетите досега одбиваа да одговараат на прашања.

Десничарската терористичка група НСУ е осомничена дека организирала и извршила убиства на 10 лица во периодот од 2000. до 2007 година, од нив 8 етнички Турци, еден етнички Грк и една германска полицајка.

Судењето е концентрирано врз Беате Чепе (на фотографијата горе), за која нема докази дека директно учествувала во убиствата, но се смета за основач на Национал-социјалистичкото подземје- НСУ и негов активен помагач. Ниту три месеци по почетокот на судењето, нема одговор на прашањето дали Чепе може да биде осудена за убиство, бидејќи доказниот материјал е оскуден и покрај обемната истрага.

И покрај проблемите на почетокот на процесот, впечаток е дека судијата Манфред Гецл ја држи состојбата под контрола. Освен скандалот со местата за седење за новинарите од Турција, судијата мораше да се справи и со барањата на адвокатите да се одложи или запре процесот. Адвокатите протестираа поради тоа што Чепе од страна на државното обвинителство беше претставена како „членка на банда убијци“. Нејзината адвокатка аргументираше дека на овој начин таа е предвреме осудена. На сличен начин протестираа и адвокатите на останатите обвинети.

Двајцата најверојатни извршители, Уве Бонхард и Уве Мундлос извршија самоубиства во ноември 2011 година откако беа откриени од полицијата по еден грабеж на банка.

Чепе, меѓудругото, е обвинета и дека го запалила апартманот во Цвикау во кој живееле заеднички со Бонхард и Мундлос, со цел да ги уништи доказите за нивните акции. Во досегашниот тек од судењето таа одбива да одговара на прашања, а нејзините адвокати велат дека таа нема намера да ги коментира обвинувањата.

До пресудата уште две години

Но, ко-обвинетиот Карстен С. сведочеше околу 26 часа пред судот, и меѓудругото призна дека ја снабдил НСУ со еден пиштол со придушувач. Претходно, изјава

NSU Prozess München 6.8.2013

Обвинетиот Холгер Г.

пред судот прочита и уште еден од обвинетите, Холгер Г. Тој призна дека заедно со Чепе со години ја поддржувале НСУ, обезбедувал пари, оружје и документи. Но, откако ја прочита изјавата, ни тој повеќе не сака да одговара на прашања.

Преостанатите двајца обвинети, поранешниот функционер на радикалната Национал демократска партија, Ралф Волебен и Андре Е. сѐ досега одбиваа да одговараат на прашања или да дадат било каков исказ.

Очекувањата се дека ваквиот тренд нема да се промени ниту по продолжението на судењето закажано за 5. септември. Првообвинетата Беате Чепе досега не изусти ниту збор за време на процесот, и мала е веројатноста дека во натамошниот тек на било кој начин ќе придонесе во утврдувањето на вистината.

Она што е сигурно е дека судењето ќе трае уште најмалку две години. За тоа деновиве стигна и официјална потврда од судот, откако беше утврден календарот за следните 113 судски денови заклучно со Божик 2014 година.