1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Многу ветувања, малку пари

Претставниците на стотина држави и организации денеска во Стокхолм треба да извлечат меѓубиланс од развојот на ситуацијата во Ирак. На досегашните конференции беа ветени милијарди долари но малку е остварено

default

Народот чека на ветената помош

Шест месеци по американската инвазија бројките беа впечатливи: на Ирак му се потребни 56 милијарди долари за повторно да застане на нозе, беше речено на првата конференција за обнова на Ирак во Мадрид во 2003 година. Вашингтон самиот најави 20 милијарди долари. Ирачкото стопанско чудо треба да стане пример, тогашната ирачка влада се надеваше на приходите од нафтата и дека земјата ќе стане Јапонија на Блискиот исток.


Редица конференции, но без реализација на одлуките


Следеа повеќе конференции: во Јордан, Египет, Кувајт, сега во Шведска. Ветени се многу пари и отпишување на долговите. Ирачката влада од една конференција до друга беше се‘ поразочарана, премиерот Нури ал Малики изјави пред еден месец во Кувајт дека се чувствува оставен на цедило:

„Се работи за поголема помош за нашата земја. Се надевам дека оваа конференција ќе донесе нешто конкретно за нас. На минатите формиравме работни групи, но резултатите од нивните задачи до денеска изостануваат.“


Отпишување на долговите


Кога се работи за помош за обнова на Ирак, тука се пред се побарувањата од арапските земји. Кувајт и натаму опстојува на добивањето 15 милијарди долари како оштета поради нападот кој врз оваа земја го изврши ирачкиот диктатор Садам Хусеин во 1990 година. Слично се однесува и Саудиска Арабија, таа побарува 17 милијарди долари. Три четвртини од долговите кои треба да ги плати Багдад треба да одат на сметка на шест заливски држави. Освен тоа Ирак мора дел од своите приходи од нафтата да ги уплатува во фонд на ОН.

Неговата шиитска влада се чувствува погодена што ниту Саудијците, ниту Кувајт не отвораат амбасади во Багдад, а тоа го имаат направено и само малку сунитски држави. Тие се оправдуват со безбедносни причини, но вистинските се што во Ирак се Американците и обвинувањето дека Ирак ги онеправдува Сунитите. Поранешниот прв непријател Иран пак воспостави дипломатски односи со Багдад.


Лоша безбедност и беда


Освен безбедноста, во Ирак недостасуваат закони за нафтата, од која годишно се добиваат околу 80 милијарди долари. Шиитите, Сунитите и Курдите не можат да се договорат околу поделбата на приходите, така владата на инвеститорите им дава секогаш одново ветувања дека тоа ќе биде следната година.

Инаку, населението во Ирак страда од недостаток на многу работи: струја има само по неколку часа, чиста вода за пиење само ретко, медицинска заштита уште помалку. По падот на Садам Хусеин загинаа околу 2 илјади лекари, околу 20 илјади избегаа во странство.

На најголемиот дел од милијардите кои беа ветени као помош на конференцијата во Мадрид пред пет години, Ирак се‘уште чека и денес. Пред една година во Шарм ел Шеих светот даде нови ветувања, најави петгодишен план за обнова. Всушност, најчесто беа отпишувани долговите кои и така веќе нема шанса да се платат. А се‘ додека безбедносната состојба е лоша, а ветувањата за развој не се остварат, мизеријата нема да се смени. Ниту во Стокхолм за Ирак нема да има свежи пари, туку опомени за нереализираните ветувања и барања до ирачката влада да обезбеди стабилност и национално помирување.


►◄