1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ММФ ја скенира економската состојба во Македонија

Мисијата на ММФ во наредните неколку денови ќе ги анализира состојбите во македонската економија, чии параметри во моментов не се поволни. Владата полека ја омекнува позицијата кон ММФ, но останува крутиот став кон ЕВН.

default

Големиот пад на извозот, намалениот обем на девизни резерви, одложените инвестиции или последиците од економската криза во комбинација се можеби причина за засилената комунијкација на релација Македонија – Меѓународен монетарен фонд. И покрај определбата на Владата да не склучува нов аранжман со долгогодишниот финансиски ментор од Вашингтон, мисија на ММФ од денеска е во Скопје. Во наредните денови ќе ја скенира македонската економија. „Доаѓам со неколку идеи што треба да се конкретизираат по разговорите, а едно од прашањата за кои ќе се разговара е и трговскиот дефицит“, изјави новиот шеф на ММФ за Македонија, Мек Гру.

Економските параметри не се поволни

Македонскиот извоз во првите три месеци од годинава паднал за повеќе од 43 проценти во однос на истиот период лани. Трговскиот дефицит за само три месеци изнесува 620 милиони долари. Владата најави дека аранжман со ММФ е можен само ако се исцрпат сите останати алтернативи за заштита на курсот на денарот. Владината позиција спрема ММФ омекнува како што се засилуваат последиците од глобалната криза, но крут останува ставот на владата во однос на ЕВН.

Спорот со ЕВН доби длабоки политички димензии

Strom Hochspannungsmast

Непосреден повод за спорот беше одлуката на судот во Скопје според која ЕВН треба да им плати на државните електрани околу 200 милиони евра. Австриската компанија ја оцени оваа пресуда како скандалозна и се закани со тужба против Македонија на меѓународен суд.

Вчера попладне (07.05.09) премиерот Никола Груевски ги повика странските амбасадори во Македонија да им ја објасни владината позиција во однос на австриската компанија. Странските дипломати му укажале на премиерот на нерегуларностите во текот на судскиот процес кој и самите го следеле. „Објаснивме и подвлековме дека тоа беше наша преокупација. Ова не е само судска одлука, туку мислиме дека постои притисок и влијание од надвор, а на овој начин не може да се донесе праведна одлука“, изјави австрискиот амбасадор во Македонија Алојз Краут вчера по средбата со Груевски.

Амбасадорот Рикер критикуваше

Со прилично критичка изјава за третманот на ЕВН во Македонија се огласи американскиот амбасадор во Македонија Филип Рикер. „Мојата загриженост се однесува на судскиот процес. Ако не постои доверба во можноста да се има фер судски процес, инвеститорите нема да дојдат овде. Затоа за ова треба да се погрижат соодветни институции“, вели американскиот дипломат.

Аналитичарите предупредуваат дека спорот со ЕВН за кој реагираше и австриската влада негативно се одразува врз меѓународната позиција на Македонија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска