1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

ММФ: светот го доживува најсилниот стопански пораст за последните речиси 30 години

Светската конјунктура е во брз подем: експертите на ММФ, во штотуку објавениот Преглед за состојбата на светската економија, за 2004-та предвидуваат стопански пораст во светот од 5 проценти, а за наредната година натамошни 4,3 насто, значително повеќе отколку во нивните прогнози од април годинава. Според експертите, светската трговија расте уште посилно: 8,8 проценти годинава, 7,2 насто во наредната.

Шефот на истражувачкиот тим на ММФ Рагурам Раџан вели дека сега го доживуваме “најсилниот стопански пораст за последните речиси 30 години”. Во Европа тој е посилен отколку во САД, кои досега беа локомотива на светската конјунктура. И во Германија, по три години стагнација, стопанството бележи подем кој годинава ќе изнесува 2,2 процента. Според Раџан, тоа е резултат на силното зголемување на извозот, но и на реформите преземени од страна на сојузната влада. “Мислам дека е нужно да се продолжи со реформите со флексибилизирање на пазарот на работна сила и на пазарот на стоки. Некои реформи дејствуваат во кусо време, на пример пензиската реформа се погрижи за наголемување на заштедите и за соодветно намалена потрошувачка. Но, на подолг рок тој ефект ќе заслабне. Важно е да се задржи започнатиот реформски курс” – вели Раџан.

Со Агендата 2010 на сојузната влада е направен почеток, нужни се натамошни коректури, смета тој, зашто Германија треба да се бори не само против проблемите со финансирањето во социјалната сфера, туку – како и сите индустриски земји – и против последиците на се поголемото стареење на населението. Колку подоцна ќе бидат преземни реформите, толку ќе бидат поболни, смета шефот на ситражувачкиот тим на ММФ.

Опоравувањето на светската конјунктура е проследено и со кусорочни и долгорочни ризици. Еден од долгорочните е ако владите не ги преземат навремено неопходните реформи – подоцна само со големи трошоци може да биде коригиран погрешниот развој. Сите големи индустриски земји мора да извршат промени во пензискиот систем како последица на демографските промени, констатира ММФ: се‘ помалку луѓе на работоспособна возраст треба да финансираат се‘ повеќе стари луѓе. Во обемната глава на оваа тема, ММФ во Прегледот на светската економија ги повикува сите влади да преземат мерки за долгорочно обезбедување на социјалните системи.

Натамошен ризик за конјунктурата е развојот на цената на нафтата. Експертите пресметаа дека пораст од 5 долари за барел го намалува стопанскиот пораст на светско ниво за 0,3 насто. Но, најголемите индустриски земји денес се помалку погодени од порастот на цената на нафтата отколку за време на кризата во 70-тите години, зашто за исто стопанско остварување ангажираат многу помалу енергија. Потрошувачката на енергија многу ефикасно е намалена и во домаќинствата. Ова мора да биде уште повеќе засилено, зашто цената на нафтата не е поврзана само со кризата во Ирак, туку и со нагло зголемената побарувачка од Кина и Индија, која и натаму ќе расте. Раџан ги повика САД да му стават крај на расфрлањето со енергија и со тоа да го придушат порастот на побарувачката. Жртви на порастот на цената на нафтата, според ММФ, ќе бидат сиромашните земји во светот.