1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ММФ предупредува од трошење на девизните резерви

ММФ испрати последно предупредување до владата во Скопје за поскромно трошење на средства за јавните расходи, инаку многу лесно може да се најде пред банкрот. Предупредуваат и експертите и стопанствениците.

default

ММФ

Буџетската политика на владата во Скопје насочена кон поголемо трошење од можностите ќе ја дестабилизира економија во земјата, предупреди Меѓународниот монетарен фонд во последниот извештај за Македонија. Загрижувачки за ММФ е што владата во фискалната стратегија предвидува да го зголемува буџетскиот дефицит за да реализира повеќе јавни инвестиции.

Девизните резерви се непопулрани за покривање на дефицитот

Според ММФ, таквата политика ќе овозможи незначителен раст, а за сметка на тоа државата ќе го елиминира приватниот сектор, ќе стане најголем инвеститор во земјата, што таа и сега всушност е, и на тој начин ќе го уништи стопанството. Девизните резерви се најнепопуларниот начин за покривање на дефицитот на тековната сметка, кога тој не може да се финансира со странски инвестиции или пари од иселениците, смета ММФ и на македонската јавност и соопшти дека 136. милиони долари од девизните резерви се потрошени само во еден месец, во ноември. Од октомври минатата година, до сега, оваа бројка надминува 300. милиони долари.

Владата останува на својот став

Македонија е пред банкрот ако не се намали јавната потрошувачка. Ова е општиот коментар на економските експерти и на опозицијата во Македонија по оценката во ММФ дека владата со зголемена буџетска потрошувачка ја дестабилизира државата и ја прави ранлива кон глобалната криза, пишува денеска весникот „Дневник“. ММФ, наведува весникот, предупреди дека македонската економија допрва ќе ги почувствува ефектите од глобланта криза. Владата пак е убедена дека Фондот е песимист и останува на позициите дека со буџетски инвестиции ќе ја заштити земјата од криза.

ММФ предупредува дека ќе се намалат странските инвестиции, паричните пратки од иселениците и приливот од девизи од извоз. Поради сето тоа нивото на девизните резерви ќе падне под тримесечната покриеност на увозот.

Предупредувањето од ММФ мора да се сфати сериозно

Finanzhilfe Pakistan Dollarscheine

Финансии

Професорот на економскиот факултет во Скопје, Сашо Арсов, за „Дневник“ оценува дека намалувањето на девизните резерви за владата треба да биде последниот аларм дека под итно треба да ја заузда јавната потрошувачка. Приливите од даноците годинава ќе опаѓаат, затоа што кризата се прелеа врз фирмите во земјата. Владата мора да ги намали трошоците и да ги преиспита проектите во кои ќе инвестира. Колку побрзо се направи ребаланс на неодржливиот буџет годинава, толку штетите врз фирмите и граѓаните ќе бидат помали, вели Арсов.

Со сличен критички тон е и професорот, Абдулменаф Беџети од Штуловиот универзитет, кој за весникот „Утрински весник“ оценува: „Критиките што ги упативме за владата во неколкуте изминати месеци за нејзиното разуздано однесување преку огромниот буџет, големиот трговски дефицит на платниот бизнис што води до пропаст, таа не ги послуша. Со својот последен извештај ММФ уште еднаш ги потврди нашите претходни укажувања за владата, која ако продолжи вака многу ризикува“, смета Беџети.

Министерот за финансии, Трајко Славевски во интервју за денешен „Дневник“ наведува дека владата во текот на годината ќе предложи ребаланс на буџетот. Анализата ќе се направела по првото тримесечие од годината. „Не би сакал однапред да кажувам бројки бидејќи проекција постара од еден месец не може да биде коректна“, наведува Славевски во интервјуто за весникот „Дневник“.