1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Млади, свежи, динамични - полската ИТ бранша на Цебит

Полска во последниве години се разви во една од Топ 20 земји во ИТ секторот. Годинава таа е земја-партнер на меѓународниот саем Цебит. 200 полски фирми изложуваат во Хановер

Новата самодоверба на полска информатичка бранша е освежувачка, а пред се’ млада: секоја година 40.000 апсолвенти ги завршуваат информатичките студии на полските универзитети. ИТ- пазарот денес нуди повеќе од 100.000 сигурни работни места. На листата на најдобри програмери Полјаците се наоѓаат на третото место, зад Русија и Кина. Листата е креирана, меѓу другото, врз основа на резултатите на меѓународните натпревари. Информатичките апсолвенти од Варшава, Познањ или Вроцлав припаѓаат меѓу најбараните млади кадри кај големите интернационални концерни.
Тоа исто така го знае и полската влада, која со години наназад се трудеше да стане земја-партнер на саемот ЦЕБИТ. „Не беше лесно“, кажува Валдемар Павлак, еден од главните иницијатори на годинешниот полски настап во Хановер и до неодамна министер за економија на Полска. Павлак се присетува како организаторите на почетокот истакнувале дека повеќе гледаат кон далечните пазари како што се Бразил и Турција. „Меѓутоа, откога ги видоа нашите резултати тоа веднаш се промени и не‘ поканија да се претставиме“, кажува поранешниот министер по економија видно задоволен.
Растот на полската ИТ- бранша е меѓу најбрзите 20 во светот. За статусот на браншата сведочи и фактот дека Полска има сопствено министерство, кое се занимава само со дигиталниот свет.

Откривање на Германија

Polen als Gastand bei der Cebit 2013

Канцеларката Меркел и премиерот Туск (втора и трет од лево) на отворањето на годинешниот Цебит

200 претпријатија од Полска учествуваат на Цебит. „Тоа е неверојатно остварување “, кажа Рајнхолд Уминген од Германскиот саем во Хановер пред почетокот на настанот, на кој присутвуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и полскиот премиер Доналд Туск, придружуван од повеќе министри. Уминген е импресиониран од стабилниот развој на ИТ- пазарот во Полска. „Бевме предходно на две патувања во Полска и бевме многу импресионирани од иновативноста на малите и средни претпријатија од оваа индустрија. Оваа клима на пресврт многу од нив ги доведе во позиција да бидат успешни на меѓународно ниво."

Една од компаниите која веќе ги изнесе своите иновации преку границите, е КомАрх АГ од Краков. Основачот Јануш Филипиак, професор по математика, во меѓувреме се пресели во Швајцарија. „Оттаму може подобро да се види во која насока се движи браншата и кои трендови доаѓаат“. Филипиак во 90- тите години на 20. век беше одговорен за еден универзитетски проект кој во меѓувреме стана компанија со 4.000 вработени. Неговата приказна во однос на Полска може да се спореди со онаа на основачите на софтверскиот концерн САП, Хасо Платнер и Дитмар Хоп во Германија.

Неколку стотици луѓе вработува во КомАрх во германските филијали во Дрезден и Франкфурт на Мајна. „Кога имате германски клиенти морате да понудите сервис во земјата, Законот за заштита на податоци тука игра голема улога“, објаснува извршниот директор на КомАрх групата за Германија Кристоф Курпински, зошто компанијата во моментов е во изградба на големи бази на податоци. Оваа година на ЦЕБИТ компанијата посветува особено внимание на темата „Клауд“-компјутинг. „Ние во тоа гледаме големи можности“, вели Курпински. КомАрх е специјализирана за индивидуално прилагодени програми за комуникациската и финансиската бранш. Меѓу нејзините клиенти се вбројуваат и Т-Мобиле, Водафон, Кабел Дојчланд и други.

Големи шанси за раст

Меѓутоа многу фирми, кои годинава се презентираат во Хановер, се’ уште не се толку успешни. Голем дел од учесниците се мали претпријатија кои нудат интересни концепти, но се’ уште се во потрага по партнери за соработка на меѓународниот пазар. „Сакаме да ја покажеме нашата креативна и флексибилна страна“, вели Илона Антонишчин Клик од полското Министерство за економија. „Многумина не знаат дека Полска си направи име во светот како земја на програмери на компјутерски игри, исто како и за иновативни анимациски решенија за филмската индустрија“, вели Антонишчин-Клик.

Младите информатичари се грижат за тоа полскиот ИТ-пазар актуелно да бележи неверојатна динамика и се наоѓа на второто место во централно-источна Европа веднаш зад рускиот. Неговата вредност во 2010 година беше пресметана на речиси 11 милијарди евра. Со големата присутност во Хановер полските ИТ-фирми се надеваат на натамошен поттик, зашто едно е јасно: полските информатичари не сакаат да се отселат. И покрај добрите стимуланси во Германија и на други места, тие најрадо остануваат дома. Таму во меѓувреме заработуваат еднакво големи плати, најчесто кај големите интернационални концерни.