1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Млади Грци на стручно образование во Германија

Неодамна во Берлин претставници на Германија, Франција, Италија и Шпанија договораа заедничка стратегија против невработеноста кај младите. Германија понуди да прими млади од цела Европа на обука преку работа.

Јоргос и Софија од Грција се веќе тука. Тие живеат во Германија и сакаат тука и да работат.

„Што си посакувате за во иднина?“

„Радо би завршил образование преку работа“.

„Би сакала да го учам германскиот јазик“.

Училишен час во Германија. Софија и Јоргос Полихрониадис ( на насловната фотографија) од пред три месеци живеат во близина на Келн и оттогаш учат германски јазик. Дваесетгодишниот Јоргос сака да стане информатичар, неговата 18-годишна сестра сака овде да го заврши образованието за болничарка:

„Во последно време слушам луди работи. Некои медицински сестри во Грција веќе шест месеци не добиле плата, но и натаму работат нормално. Нема лекови, се затвораат болници. Во мојата професија нема иднина“.

Јоргос се надоврзува:

„Што би работел во Грција? Најверојатно како земјоделец или во некоја фабрика. Таму човек обично работи само три месеци. Такво нешто тешко се издржува цела година. Дневницата е 20 евра. Месечно не се заработуваат повеќе од 600 евра“.

Меѓу 2007 и 2011 година бројот доселеници од Грција порасна за 73 проценти. Меѓу нив многумина се матуранти и квалификувани работници.

Наставничката по германски, Јенигун Огуз:

„Тие се подобро образовани и се разбира учат соодветно на тоа, зашто стигнале со одредена цел во Германија.“

Германската влада сака да ги привлече во уште поголем број. Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле ги повика невработените млади од цела Европа да дојдат во Германија и тука да завршат стручно образование.

Christina Patelkos

Христина Алексоглу Пателкос од Германско-грчкото стопанско здружение

Христина Алексоглу Пателкос од Германско-грчкото стопанско здружение секојдневно води разговори со Грците кои сакаат да се доселат и им помага во тоа. Но, таа често при посредувањето се судира со проблеми:

„Работодавачите, според мое сознание, досега се прилично воздржани, тука треба повеќе да се направи.

Генерално, претприемачите очекуваат добро познавање на германскиот јазик. Тоа мора да им се сигнализира на доселениците: Не тргнувајте ако не знаете добро германски.“

И Јоргос и Софија претходно не посетувале никаков курс и затоа се‘ уште не можат да работат во саканите професии. Наместо тоа, поради недоволното знаење на јазикот, мораат да пакуваат зеленчук за 6 евра и 60 центи на час.

„Оваа работа е само почеток, а во иднина сакаме да работиме нешто друго“.

А дотогаш, двајцата мораат да стојат крај фабричката лента.

Многу доселеници доаѓаат со погрешни очекувања и сакаат директно да работат во своите дотогашни професии. Но, често тоа не е можно. Една неодамна објавена студија на ОЕЦД покажа дека две третини од сите доселени Шпанци и половина Грци ја напуштаа Германија неполна година по доаѓањето.Тие не го продолжуваат образованието и работат само помошни работи. По враќањето во татковината, застануваат во долгите редици пред службите за вработување.

Христина Алексоглу Пателкос од Германско-грчкото стопанско здружение констатира:

Пропуштена е можноста оваа целна група вистински да се опфати во професионална интеграција и обука и да се убеди во предноста од стручна обука во Германија.“

Германската влада планира подршка за обука на доселениците, за сузбивање на невработеноста на младите во Европа. Јоргос и Софија би останале и подолго во Германија.

„Овде е многу убаво, има убави куќи, опуштени луѓе кои се смеат, се шетаат и одат на кафе, насекаде има мали деца. Се‘ е многу убаво“ вели Софија.

И Јоргос се сложува:

„Продавниците се секогаш полни, насекаде има луѓе, овде никогаш не е празно“.

„Посебно многу ми се допаѓа кога има сонце“, вели Софија.

Братот и сестрата не само што сакаат да го завршат образованието во Германија, туку сакаат да останат тука засекогаш.