1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Младиќ на судењето на Караџиќ: „Не го признавам сатанскиот суд“

Ратко Младиќ, поранешен командант на армијата на Република Српска, обвинет за геноцид и други воени злосторства, се појави во Хашкиот суд како сведок на одбраната на Караџиќ, кому му се суди по речиси идентично обвинение

Адвокатот Бранко Лукиќ на почетокот на денешното (28.01.) заседание уште еднаш побара Ратко Младиќ да не сведочи поради две причини - поради лошата здравствена состојба и поради тоа што неговото сведочење може да биде штетно во неговиот предмет.

„Мојот клиент поради мозочниот удар има пореметено сеќавање и затоа е несоодветен како сведок. Ако на тоа биде принуден, тоа ќе биде штетно по неговите права. Тој е уверен дека зборува вистина дури и тогаш кога не го прави тоа. Како лице со такво пореметување може и да измислува факти, а да е уверен дека зборува вистина. Мојот клиент не е во состојба да ги анализира документите со застапниците на својата одбрана. Ако е во состојба да сведочи, би сведочел на сопственото судење. Ако биде принуден да сведочи на ова судење, ќе бидат прекршени човековите права на мојот клиент“, рече адвокатот Лукиќ и побара сведочењето да се одложи се‘ додека Младиќ не биде прегледан од независен тим на медицински стручњаци.

Судиите го одбија барањето на адвокатот на Младиќ

Ваквото барање, по куса консултација на четиричлениот судски совет, беше одбиено. Судскиот совет побара Младиќ да даде свечена изјава и да почне главниот претрес. Младиќ прво одбиваше да даде свечена изјава дека ќе ја зборува вистината, барајќи претходно да ја прочита својата изјава од седум страници која ја напишал „претходната ноќ“:

„Јас не го поднесувам, ниту го признавам овој меѓународен суд и не можам да сведочам, ниту да давам заклетва пред него, затоа што тоа е притисок врз мене како личност, врз моето здравје и врз мојот народ“, рече Младиќ и побара да ја прочита својата изјава „со уважување на претседателот Караџиќ и неговите напори кои ги правеше и ги прави за спас на нашиот народ, за што и јас придонесов нешто“.

„Хашкиот суд не го признавам, затоа што НАТО е творба. Тоа не е суд на правдата, туку е сатански суд, којшто ни суди нам затоа што сме Срби“, рече Младиќ, по што беше прекинат од судијата претседавач, О Гон Квон.

Karadzic und Mladic Archiv 1993 in Pale

Младиќ (л.) и Караџиќ за време на војната во Босна и Херцеговина (Пале, 1993 година)

Хашкиот трибунал за мене не постои

„Ако одбиете да ги почитувате правилата на овој суд и не дадете свечена изјава, ќе бидете обвинети за непочитување на судот“, рече судијата претседавач.

„Не се плашам од ништо освен од бога, совеста ми е чиста по сите прашања, а Хашкиот трибунал за мене не постои“, возврати Младиќ, но сепак потоа ја прочита свечената изјава. „Свечено изјавувам дека ќе ја зборувам вистината, само вистината и ништо освен вистината“, прочита Младиќ и додаде: „Го молам обезбедувањето да ми ги донесе забите од ќелијата за можам да зборувам“.

Судијата О Гон Квон потоа одреди пауза која траеше повеќе од 40 минути. Откако беше решен проблемот со „забите“, односно со заборавената протеза на сведокот, заседанието е продолжено, но Младиќ одби да сведочи.

„Го бранам своето браво да не сведочам, одбивам да сведочам“, повторуваше Младиќ и инсистираше на тоа да ја прочита својата изјава од седум страници. Дури и Караџиќ, кој се брани самиот, се приклучи кон тоа барање, но судскиот совет остана на својата претходна одлука - читање на изјавата нема да има.

Обвинетиот Караџиќ му постави прашања на сведокот Младиќ за Сараево и Сребреница кои веќе ги имаше најавено, но на нив не доби одговори. Така заврши средбата на двајцата воени лидери на Република Српска во судницата во Хаг.

Младиќ порано одбиваше доброволно да биде сведок на одбраната на Караџиќ. Обвинетиот Караџиќ, како застапник на сопствената одбрана, на 18 април минатата година побара да биде издаден обврзувачки налог за сведочење на Младиќ, кој претходно неколку пати одби да сведочи.